Стабилизаторот на авионот кој се урна во Етиопија во чудна состојба, пилотот барал итно слетување


Пронајдениот дел од стабилизаторот на урнатиот авион на „Етиопиан ерлајнс“ во Етиопија бил во слична чудна положба како и кај авионот на компанијата „Лајон ер“, кој се урна минатата година, соопштија денеска истражувачите.

Етиопскиот тим истражувачи пристигна во Париз каде моментално се прегледуваат црните кутии.

Позицијата на стабилизаторот, кој ја движи хоризонталната опашка на авионот ќе помогне да се утврди дали авионот при полетувањето неконтролирано го движел „носот“ кон земјата.

„Њујорк Тајмс“ ја објави драмата која се одвивала во кокпитот на фаталниот лет ЕТ302 на авиокомпанијата „Етиопијан ерлајнс“ кој се сруши шест минути по полетувањето.

Пилотот на авионот Боинг 737 Макс 8 се соочил со ситуација која барала итно враќање на аеродромот во Адис Абеба веќе три минути по полетувањето, а со паничен глас пилотот објаснил дека авионот се движи со неприродна брзина.

„Брејк, брејк. Мораме итно да се вратиме“, изјавил пилотот обидувајќи се да избегне други два авиони кои слетале во Адис Абеба.

„Барам дозвола за слетување“, повторувал пилотот.

Фразата „брејк, брејк“ се користи со цел контролата на летање да даде приоритет на пораката која им пристигнува од тој авион и значи дека екипажот се соочува со ситуација која е приоритетна и на пилотите им е потребна помош, поточно не можат самите да се изборат со нејзе.

Иако компанијата „Етиопијан ерлајнс“ уште во неделата објави податок дека пилотите сакале да се вратат назад, ова е првпат да се објавени детали од разговорот на пилотот со контролата на летање.

Во последните шест месеци се урнаа два авиона од типот Боинг 737 Макс 8.

Во несреќата од 10 март, кога се урна авионот на „Етиопиан ерлајнс“ загинаа 157 патници и членови на екипажот, а во несреќата над Јаванското Море, кога се урна Боинг 737 Макс 8 на авиокомпанијата „Лајон“ загинаа 189 лица.

Авиокомпании ширум светот ги приземјија авионите од типот Боинг 737 Макс 8, додека не се откријат причините за падот на авионот.