Српскиот министер Ружиќ на погребот на Фадиљ Вокри во Приштина


Министерот за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Бранко Ружиќ беше меѓу бројните личности од Косово и од странство, кои присуствуваа на вчерашниот погреб во Приштина на екс-југословенската фудбалска легенда Фадиљ Вокри, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вокри, кој изминатите десетина години ја вршеше функцијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Косово, во втората половина на 80-те години од минатиот век, како еден од славните фудбалери во тогашна Југославија, премина од Приштина во белградски Партизан, каде што стана идоли на навивачите на клубот.

Самиот Вокри, како што напиша еден негов близок пријател по неговата смрт, рекол дека еден од многуте негови обожаватели во Србија бил и српскиот министер Ружиќ, кој е од редовите на Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ.

Ружиќ, пак, емотивно реагираше веднаш по веста за смртта на Вокри.

– Беше мој искрен Брат, Пријател, Човек, и партизановец до срж. Ти благодарам за се Фадиљ. Почивај во мир, заминуваш во вечноста, напиша Ружиќ, кој објави и фотографии од средбите со фудбалската ѕвезда.

Фадиљ Вокри почина во саботата, на 58-годишна возраст, од срцев удар.

Во Косово беше славен како човек кој ја афирмира најмладата европска држава, со тоа што фудбалскиот сојуз го внесе во УЕФА и ФИФА.

Тој беше погребан со највисоки државни почести, а вчерашниот ден во земјата беше прогласен за ден на жалост, при што во косовското Собрание се одржа комеморативна седница.

Голем број граѓани, меѓу кои речиси сите личности од политичкиот и јавниот живот на Косово, му оддадо почит, палејќи свеќи на главниот приштински плоштад  ноќта меѓу саботата и неделата.

На погребната церемонија присуствуваа високи претставници од УЕФА, ФИФА и од повеќе национални фудбалски федерации, како и негови некогашни пријатели и соиграчи, меѓу кои и Звонимир Бобан, Зоран Батровиќ и многу други.