Србија ќе му смислува ново име на „Коридорот 11“


Српската министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ најави дека Србија планира да го преименува „Коридорот 11“ и за таа цел на есен најверојатно ќе ги замоли граѓаните и институциите во земјата да осмислат ново име за овој патен правец.

– Штета е „Коридорот 11“ да се вика така. Некако е без врска. Барем така сметаме ние во Србија и во следниот период, најверојатно на есен, ќе ги замолиме граѓаните и институциите да ни помогнат овој коридор да го наречеме со вистинско име, изјави Михајловиќ за Танјуг по денешната средба со црногорскиот министер за сообраќај и поморство Осман Нурковиќ во Подгорица.

Михајловиќ нагласи дека „Коридорот 11“, кој минува низ централна Србија, е „можеби најважен за земјата“, но тој е исто така значаен и за Црна Гора, бидејќи ќе придонесе за подобро поврзување на двете држави и на регионот.