Србија ќе му ги плаќа кредитите на Косово до 2041 година


Србија досега има отплатено 750 милиони евра кредити земени за инфраструктурата на Косово и Метохија, а од главницата се останати уште 198 милиони евра, кои Белград ќе ги враќа до 2041 година, пишуваат „Вечерни новости“.

Долгот КиМ потекнува од периодот меѓу 70-тите и 90-тите години на 20 век, а парите се користеле за изградба на патишта и железница, за проекти во енергетиката, електрична енергија, рударство, управување со води и земјоделството, а тие средства не ги исплаќа Косово, туку се сервисираат од касата на Белград, што ќе трае уште 22 години.

Србија, всушност, по репрограмирањето 2002-2009 година, ги презеде обврските да го отплаќа долгот врз основа на јавниот надворешен долг на Косово и Метохија кон странските кредитори, и во тој момент овој долг изнесуваше 930,81 милиони евра, пишуваат „Вечерни новости“.

Во таа сума влегуваат заостанатите обврски кон Меѓународната банка за обнова и развој од 433,31 милиони евра, Парискиот клуб – 296,56 милиони евра, Лондонскиот клуб на доверители – 168,90 милиони, Кувајт 17,99 милиони евра, Банката за развој Советот на Европа 5,79 милиони евра…

Најголемите должници, меѓу другите, се рударскиот комбинат „Трепча“, Електростопанство на Косово, електричната централа „Ибар“, Енергетика и гасификација, Фероникел.