Спектакуларно отворање во духот на мир како порака до светот


Јужна Кореја денеска по вторпат ќе испрати олимписко добредојде на светот по 1988 година. Со денешната церемонијата на свечено отворање во Пјонгчанг (12 ч. напладне по македонско време, МРТ пренос) и официјално ќе почне 23. Зимска олимпијада. Околу 3,000 спортисти од 92 национални комитета ќе се натпреваруваат до 25 февруари. Меѓу нив и тројца македонски репрезенти – Антонио Ристевски, Ставре Јада (знаменосец) и Викторија Тодоровска.

Домаќините на ЗОИ 2018 ги чуваат во тајност детаљите од спектаклот што го подготвуваат. Но, и покрај тоа, корејскиот дневен весник „Јонганг дејли“ открива две гласишта од сценариото. Ха Хјун Во, фронтмен на јужнокорејскиот бенд „Гукастен“ и Ан Ји Јанг, една од двете девојки на на дуото „Болбалган4“, се подготвуваат за свој перформанс пред очите на светскиот аудиториум. Втората од шпекулациите се однесува на Инсони, една од неколку R&B диви во Јужна Кореја, во чија изведба ќе биде официјалната химна на Игрите насловена како „Ајде сите да блеснеме“ (оригинал „Let Everyone Shine“). Останатиот дел од сценариото успешно се чува на дистанца од љубопитните новинарски очи и уши.

Она што е интересно и познато се однесува на олимпискиот стадион во Пјонгчанг. Зданието е вредно 109 милиони долари, изградено е за четири употреби (отворање и затворање на Олимпијадата и за истата намена за Параолимпијадата) и најавено негово уривање по завршување на Игрите.

Таквата судбина на стадионот со капацитет од 35.000 места ја најави и јужнокорејскиот претседател Јае Ин Мун. Како причина ги посочи ниските температури во Пјонгчанг што го прават нефункционален стадион без кровна конструкција. Истовремено апелира до организаторите на Зимските олимписки игри за потребата од изнаоѓање на добар и ефикасен начин за загревање на воздухот во објектот за овозможување на што попријатни услови за гледачите.

Загриженост за иднината на скапите објектите беше неодамна изразена и од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Во основа беше земено лошото искуство со летните Олимпијади во Атина во 2004 година и во Рио де Жанеиро во 2016 година. Но, се чини, дека првиот човек на Јужна Кореја ги разби причините за страв кај ИОК.

Проценките велат дека вкупните трошоци за организација на овие Игри достигнуваат 13 милијарди долари што речиси четири пати помалку од руските издатоци за Сочи во 2014 година.

 

 

 

Претседатели, премиери, кралеви, принцеви во ВИП ложата

Италијанската новинска агенција „АНСА“ објави список на претседатели, премиери и останати државници од целиот свет кој ќе бидат присутни на свеченото отворање. Па, во ВИП ложата на олимпискиот стадион во Пјонгчанг, покрај јужнокорејскиот претседател, ќе бидат и потпретседателот на САД, Мајк Пенс, генералниот сектетар на Обединетите нации, Антонио Гутиереш и јапонскиот премиер, Шинзо Абе.