Спасовски вети нови униформи и чизми за полицајците


Нови униформи и чизми за полицајците, како и подобрување на целокупните услови за работа – вети министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по денешната средба со делегација на Македонскиот полициски синдикат предводена од претседателот Ацо Антовски. Спасовски рекол дека во тек се конкретни активности за подобрување на стандардот на работење на полициските службеници и понудил можност за разговор по секое барање или предлог на Синдикатот. Покрај тоа, разговарано било и за продолжувањето на реализацијата на веќе договореното усогласување на платите на вработените во МВР со платите на вработените во сродните институции во државата и полициите во опкружувањето, при што било договорено во најбрз рок да се направи сеопфатна анализа на состојбите во Министерството и врз основа на тоа да се договорат можностите, начинот и условите врз основа на кои би продолжил процесот.

„Исто така, договорено е да се формираат заеднички работни групи со цел отпочнување на процесот на изготвување на нова листа на плати за вработените во МВР, како и изнаоѓање на начин за исплата на сите парични побарувања на вработените по било којa основa, а се со цел избегнување на евентуални судски спорови и трошоци“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи. (Г.А.)