Спасените девојчиња во Грција не се исчезнатите близначки


Спасените девојчиња од пожарите во областа Атика, кои таткото ги виде во телевизиски прилог и тврдеше дека се неговите ќерки, сепак не се деветгодишните близначки, а тие и официјално се водат за исчезнати.

Според грчките медиуми, човекот што на видеото е заедно со девојчињата во чамецот што во понеделникот вечерта спаси граѓани од една од плажите зафатени од пожарот, пред крајбрежната служба и грчката полиција рекол дека децата кои биле со него се негови, а веројатно, ова тврдење го поткрепил и со потребните документи.

Двете деветгодишни девојчиња сега и официјално се водат за исчезнати.

Невладината организација за заштита на правата на децата „Насмевката на детето“, во соработка со грчките власти, објави плакати со фотографии и податоци за девојчињата.

Фотографиите веќе се споделени на социјалните мрежи, но и доставени до сите медиуми, како што е пракса во вакви случаи, кога организацијата објавува податоци за исчезнати деца.

Како што претходно објави МИА; таткото во очај од рано утрово, преку грчките медиуми ги бара и неговите родители и неговите ќерки, на кои им се губи секаква трага од понеделникот вечерта.

Тој тврдеше дека за неговите родители нема никаква информација, а сосема случајно на телевизија, во прилог за спасувачката акција по море, во еден од чамците ги видел неговите ќерки.