Сопружници загинаа во сообраќајка на патот Миладиновци – Кадино


Маж и жена загинаа во сообраќајна несреќа што се случила вчера на патот Миладиновци – Кадино, откако возилото со кое се превезувале излегло надвор од коловозот и паднало на покривот во одводен канал.

Како што е наведено во полицискиот билтен, вчера во периодот од 01:00 до 06:00 часот на локалниот пат село Миладиновци-село Кадино, патничко возило „Џип Гранд Чироки“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(72) од село Долно Лисиче, излегло надвор од коловозот и паднало на покривот во одводен канал.

Од здобиените повреди на местото на настанот починале З.Д. и сопатничката С.Д. (68) од Скопје. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.

По овластување на јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.