Сопругот бил на работа додека горела неговата куќа и семејството
Пет лица, мајка и четири малолетни деца, настрадаа во пожар што утрово околу 3 часот и 30 минути ја зафатил куќата на семејството Зулбеари на ул. „Гоце Делчев“ бр. 185 во Тетово.
Според кажувања на роднини и соседи на настраданите, во пожарот живото го загубила Фатиме Зулбеари (39) и нејзините четири деца на возраст од четири до 13 години, три машки и едно женско. Сопругот и татко бил ноќен чувар и не бил во домот кога се случил пожарот.
Командирот на тетовската Територијална противпожарна единица Ука Алити информираше дека пријавата за пожарот кај нив пристигнала во 4 часот и 15 минути од страна на лице по што на самото место интервенирале четири противпожарни возила и 13 пожарникари.
– Во моментот кога дојдовме три куќи беа зафатени од пламените јазици, од кои на средната покривната конструкција беше целосно изгорена. Бидејќи куќите се една до друга и од постар датум, имаше опасност пожарот да ги зафати и другите куќи, меѓутоа со максимално залагање спречивме проширување на огинот на соседните објекти.
Пожарот е целосно локализиран и ставен под контрола, меѓутоа во средната куќа најверојатно има жртви и тоа ќе биде работа на увидните екипи.
Засега не се знае ниту точната причина од што избувнал пожарот, рече Алити.
Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово во моментов е на местото на настанот и во соработка со увидната екипа од Полициската станица – Тетово и Противпожарната служба врши увид.
Обвинителот, како што е наведено во соопштението од ЈОРМ, повика тим за форензика од Скопје и екипа на ЕВН кои треба да помогнат во утврдување на околностите и причините за пожарот.
Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот.