Сообраќајката во Ново Лисиче заврши со смрт


Бабата која синоќа со своето тригодишно внуче беше тешко повредена во сообраќајка што се случи на булевар „Србија“ во Ново Лисиче, два и пол часа по несреќата починала на Клиника.

Тригодишното дете кое исто така беше повредено се наоѓа на клиничкиот центар. Несреќата се случи синоќа околу 20 часот, кога комбе со велешки регистерски таблици удрило во бабата и внучето.

Жителите на скопски Аеродром пишуваат пораки на фејсбук профилот на градоначалникот Златко Марин, но и на фејсбук групата Ѕид на сообраќајниот срам.

„Господине Марин, пред 10тина минути, на булевар Србија, на пешачкиот премин пред полициската станица, беа “собрани”, со брзината на светлината, баба, дедо и нивното внуче. Детето го вадевме од под автомобилот. Бабата повредена, ја реанимираа на лице место. Детето го однесоа со брза помош веднаш после бабата. Дедото, во бесознание, со тупаници, се удираше по главата и лелекаше. Ве молам, заземете се веднаш, да поставите семафори на тој пешачки премин. Растојанието, од едните до другите семафори, е големо. Да се премине пешачкиот премин на тоа место, е еднакво на добивка 7ца на Лото. Многу деца, одат на училиште од другата страна на булеварот, кон Аеродром, и обратно. Се надевам, дека сериозно ќе го разгледате овој предлог, и ќе го ставите на листата со приоритети“

„Луѓе ова на бул.Србија веќе ги проаѓа сите граници, со преголема брзина се вози како на автопат а не во населено место, поминуваат покрај полициска станица, во близина е Детската улица зошто нема семафор тука кај пешачкиот кога више се нема сообраќајна култура?“, пишуваат жителите.