Солзи на финалето: Ѓер одново кобен за ЖРК Вардар
Ѓер доби уште една европска битка со ЖРК Вардар. И не било каква туку за најпрестижниот клупски трон. Унгарскиот тим ја одбрани титулата во Лигата на шампиони по новата тесна победа (27:26) над континенталниот вицепрвак во финалето на Фајналфор турнирот во Будимпешта. Конечниот исход во „Ласло Пап арена“ и овојпат го дадоа двете петминутни продолженија како што беше случај и лани (31:30). Пресуди одбраната на Кари Алвик Гримсбо по обидот на Андреа Чанаџија во, буквално, завршните секунди. Норвежанката го доби дуелот за пенали со хрватската репрезентативка, момент што беше причина за еуфорија меѓу домашните навивачи и потонување во солзи на „црвено-црните“.
Вардарки, се чинеше, го имаа Ѓер, го држеа мечот и резултатот под контрола. Имаа напад за победа (девет секунди) во основниот дел по тајм-аутот на тренерскиот двоец Дибирова – Парондо меѓутоа се заплеткаа во додавањата од кои требаше да се најде пат до противничкиот гол. Првото продолжение се играше гол за гол до исклучувањето на Драгана Цвијиќ, временска казна што се пренесе и во второто. Со предност од играч повеќе Ѓер направи серија од 3:0 и од 23:23 се одлепија на 26:23 што, сепак, не беше крај. Екипата од СЦ „Јане Сандански“ на двапати се доближуваше на гол минус што, за жал, не успеа докрај да го поништи.
Ники Грот беше прв стрелец во финалето со осум погодоци, два повеќе од Едуарда Аморим Талеска чија низа на голови беше меѓу решавачките моменти во средбата. Најефикасна вардарка беше Андреа Лекиќ со шест гола, Јованка Радичевиќ постигна четири, Барбара Лазович, Андреа Пенезиќ и Александра Лакрабер по три. Нова фантастична вечер во Будимпешта имаше и Амандин Лејно која го понесе признанието МВП на Фајналфорот. И со право. Французинката против Ростов во полуфиналето забележа 18 интервенции колку и во финалето против Ѓер. За најдобар стрелец на завршниот турнир е прогласена Кристина Неагу од ЧСМ Букурешт.
Бронзата за ЧСМ Букурешт
Екипата на ЧСМ Букурешт потешко од очекувањата стигна до бронзениот медал на завршниот турнир во Будимпешта. Романскиот состав славеше над дебитантот на шампионскиот Фајналфор со 31:30 (полувреме: 19:14).
Ракометарките на европскиот првак од 2016 година сами се доведоа во комплицирана ситуација на крајот. Набрзина наметнаа ритам што екипата од Дон никако не успеваше да го следи.. Имаа и осум гола позитива во еден период од воведното полувреме, на одмор замина со плус пет, но малку недостасуваше од „готово-вересија“ во продолжение на „малото“ финале.
Лине Јоргенсен со седум гола го предводеше ЧСМ Букурешт, Изабел Гулден додаде шест, Јулија Куреа реализира пет колку што запишаа Викторија Боршченко и Марина Судакова за поразената екипа.
(С.Ѓ.Д.)