Снегот предизвика проблеми во сообраќајот


Врнежите од снег предизвикаа проблеми во одвивањето на сообраќајот на повеќе патни правци низ државата.

Поради лавина од камења и снег целосно беше во прекин патот Маврово-Дебар, а вечерва според информацијата од Авто мото сојузот на Македонија, сообраќајот се одвива по една коловозна лента.

Забрана за патнички возила е воведена на планинскиот превој Ѓавато, а на патниот правец Тетово–Попова Шапка е воведена забрана за тешки товарни возила и за автобуси. Забрана за тешки товарни возила има и на патните правци Струга – граничен премин Ќафасан, од Стража кон село Колари и обратно и на планинските премини Пресека и Буково.

Во прекин беше и магистралниот пат Крива Паланка – Куманово поради сообраќајка кај селото Гиновце. По извршениот увид, од 20 часот сообраќајот на овој патен правец е нормализиран.