„Случај Саздовски“: Сторителите ќе одговараат за убиство извршенo на свиреп начин


Основното јавно обвинителство го преквалификува кривичното дело за бруталното претепување на Никола Саздовски (21) што резултираше со негова смрт. Наместо за нaсилство, тројцата сторители ќе одговараат за убиство извршено на свиреп начин.

„Ваквата одлука на јавниот обвинител следи откако во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, беше прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судскомедицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт. Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај Саздовски, а се утврдува и причинскопоследичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход“, соопшти ОЈО.

Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази.

Истражната постапка против тројцата осомничени ќе продолжи за кривичното дело убиство. Пред да биде донесена јавно-обвинителската одлука, двајцата осомничени кои се наоѓаат во притвор во Затворот Скопје ќе бидат доведени пред надлежен јавен обвинител за да дадат своја одбрана за ова кривично дело. За третиот осомничен, кој се уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.

„Воедно, надлежен јавен обвинител во текот на истражната постапка, продолжува да презема и други истражни дејствија, меѓу кои ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени“, велат од Обвинителството.