Славниот гитарист и продуцент Најл Роџерс се оперираше од рак
САД- Најл Роџерс објави детали од серијата здравствени битки во неговиот нов блог, каде што откри дека неодамна имал операција откако му бил дијагностициран рак. Откако бил хоспитализиран за инфекција од ешерихија коли минатиот август, Роџерс вели дека докторите откриле мистериозен израсток на неговиот десен бубрег и по испитувањата се докажало дека всушност се работи за два вида рак во еден израсток. По операцијата, тој извести дека ќе закрепне 100 проценти.
„Сега може да танцувате, пеете и да навивате!“, напиша Роџерс, кој преживеа и рак на простатата на почетокот на 2010 година. Иако неодамнешната операција го принуди гитаристот да ги одложи своите планови за 2017 година, тој оптимистички додаде дека публиката не може ни да сонува што ќе се случи следната година.
Роџерс, диско-фанк иконата и продуцент на ѕвезди како Дејвид Боуви, Дјуран Дјуран и Мадона, напиша дека неодамнешната дијагноза за рак му одзела две слатко-горчливи години исполнети со успех во кариерата и лични загуби.
„Еден од моите најголеми артисти, Дејви Боуви, почина во 2016 година. По неколку месеци, почина и Принц, па потоа Џорџ Мајкл на Божиќ , 48 часа откако работев на неговиот филм и неговиот последен албум“, вели тој. „Мојот пријател, музичкиот гениј Крис Корнел, почина оваа пролет. Мојот млад прв братучед умре од инфаркт без никакво претходно предупредување… А мојата мајка во моментов боледува од Алцхајмерова болест во четврти стадиум“.
Сепак, Роџерс позитивно ја заврши објавата шегувајќи се дека ќе ги објави идните планови во неговиот следен блог. „По неверојатен живот во последниве 7 години, никогаш немаше да поверувам дека моето тело ќе биде нападнато од рак“, напиша тој. „Рак? Сериозно?! Доста ми беше, 2018-та доаѓам!“