Силјановска и Пендаровски се поздравуваат преку Заев и Груевски


„Зборуваат за демократија и процедури, а кандидатот го избраа во хотел по што само ќе го потврдат на партискиот конгрес. Претходно објавија оглас на кој се пријавија луѓе кои воопшто немаа шанса да бидат избрани“, прокоментира професорката Гордана Силјановска-Давкова откако дозна дека конкурент на изборите за претседател на државата ќе ѝ биде колегата Стево Пендаровски. Тој, пак, во првиот говор како кандидат за шеф на државата само напомена дека конечно почнале да стигнуваат убави вести по цела деценија автократски режим на фамилијата. Неговата соперничка воопшто не ја спомна, а акцентот го стави на евроинтегративните процеси.
Забелешката на Силјановска-Давкова повеќе се однесува на демократскиот капацитет во СДСМ отколку лично за Пендаровски. Нивниот професорски бекграунд, барем засега, остава впечаток дека претседателската трка ќе помине без вообичаената црна кампања, напади и дисквалификации на лично ниво. Но таквата слика можеби е привидна бидејќи зад нив стојат партии што пукаат со сета артилерија, а за очекување е дека тензиите и кај самите кандидати ќе растат како што ќе се доближуваат двата закажани изборни дена.
Силјановска-Давкова стартува со две недели предност, ако се има предвид оти нејзиниот избор на струшката конвенција на ВМРО-ДПМНЕ се случи на 16 февруари, додека Пендаровски изминатиот викенд дозна дека тој е консензуалниот претседател на власта. Професорката ги издржа првичните критики и недолични коментари за нејзините години и за изгледот, но веројатно следните денови и недели ќе мора да објаснува како мисли да го анулира или ублажи договорот од Преспа. Решението за името и законот за двојазичност се главните процеси во кои не се согласува со власта, иако се оградува дека не е проблемот во тоа дали ѝ се допаѓаат или не, туку пред сè што се неуставно донесени. Забелешки има практично за сите политики на владата предводена од Зоран Заев. Во изјава за „Независен весник“, Силјановска-Давкова рече дека не ветува работи што не можат да се исполнат дури и ако победи на изборите и го ветува само она што е во рамките на уставните ингеренции на претседателот на државата.
„Надворешната политика, а особено претставувањето на државата надвор и потпишувањето на меѓународни договори влегува во тој домен. Она што го укажував со месеци наназад беше противправната постапка низ која беше донесен овој договор, вклучувајќи го тука и референдумскиот процес. Токму по тие прашања секој меѓународен договор може да биде оспорен согласно одредбите на Виенската конвенција. Значи, зборувам за правна постапка пред надлежна меѓународна институција, а не за политичко ветување. Инаку, во Република Македонија надлежен за уставноста на овој договор е Уставен суд, но тој не работи со правни аргументи. Она што можам да го ветам, без страв дека некого ќе разочарам, е дека прашањето ќе го држам отворено, во секоја пригода кога тоа ќе биде можно“, нагласува Силјановска-Давкова.


Таа вели дека за да се отвори постапка за преиспитување на правната валидност на Преспанскиот договор, потребна е синергија помеѓу Владата и претседателот и верува оти тоа ќе се случи за време на нејзиниот мандат.
„Во меѓувреме, ќе иницирам создавање на експертска група на врвни авторитети од областа на меѓународното и уставното право, кои ќе подготват анализа во кои точки Преспанскиот договор и процесот на негово донесување се во колизија со важечкото меѓународно право. Во дијалог со нашите партнери и сојузници, а особено со нашиот сосед Грција, ќе укажеме дека не сме против добрососедските односи и интеграцијата на Македонија во западните сојузи, туку сме тоа да биде направено на достоинствен начин и во согласност со владеењето на домашното и меѓународното право. Во меѓународните односи ништо не е вечно. Јас не ветувам инстантни решенија, туку битка за правда за Македонија низ цел мандат“, порачува Силјановска-Давкова за „Независен“.
За разлика од неа, Пендаровски, кој ја извршува и функцијата национален координатор за НАТО, важи за голем поддржувач на договорот од Преспа, смета дека е достоинствен и целосно го заштитува македонскиот идентитет.

Комуникациски предизвици за двата тима
Игор Атанасов, експерт по маркетинг-комуникации, вели дека за тимот што ќе работи за Пендаровски ќе биде огромен комуникациски предизвик да стокмат визуелен и комуникациски пакет што ќе се однесува на сите граѓани по старосна и образовна структура, но и да поработат на истакнување на умерена дрскост што треба да ја има кандидатот за претседател.
„Ова го зборувам бидејќи еден од кандидатите по вторпат се обидува да ја добие довербата, човек кој за овие пет години не се променил и не може да се промени до толку за да може да извади нешто дијаметрално спротивно, имајќи предвид дека досега јасно и гласно ги кажувал сите свои ставови. Тие се познати и од него можеме да очекуваме само продолжување на тоа што пред пет години го кажал. Не мислам дека има потреба и дека ќе биде вредно да се навраќа на нешто што е веќе изоден пат како што се името, НАТО…“, анализира Атанасов.
Од друга страна, смета тој, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се соочува со сериозни комуникациски предизвици, пред сè бидејќи нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова е повеќе класичен теоретичар, добар оратор, но нема многу од таа десничарска реторика и острина во говорот, а дрскоста е базирана на професионалното, кое е неоспорно.
„Ова се чувствува во секој нејзин настап и обраќање. Не сум сигурен дека тоа е јазикот на кој ВМРО-ДПМНЕ сака да се обрати и додвори на гласачкото тело. Мислам дека постои концепциско разидување меѓу личноста на кандидатот и гласачкото тело на партијата. Во однос на комуникацијата и пораките, од ВМРО ДПМНЕ може да се очекува да се дефокусира од претседателските избори и постојано да напоменува за неуспесите на оваа актуелна влада и колку лошо живееме. Сосема е јасно дека фокусот повеќе не е името, не е идентитетот. Сега говорат за неуспех, за лош живот, за автократско владеење… Мислам дека се свесни дека кај обичниот гласач националистичка реторика може да распали страсти и на таа основа да се добијат гласачи, но ова се коси со желбата на професорката Силјановска-Давкова за неа да гласале сите разочарани од власта и од ‘Шарената револуција’. Тоа, според мене, е како мешање на вода и масло. Ова се потврди при собирањето потписи, кога Силјановска-Давкова се обиде да се покаже како натпартиски кандидат, но процесот беше јавно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, па се измешаа пораките. Сметам дека ВМРО ДПМНЕ има многу потешка задача да направи конзистентна комуникациска платформа за својот кандидат наспроти коалицијата на власт со својот кандидат“, вели Атанасов.
Според него, посебно внимание мора да се посвети на професорот Блерим Река, кого го опишува како скопско дете, човек од кариера, универзитетски професор, амбасадор на нашата држава во Брисел.
„Сепак, говориме за високо интелигентна и маркантна личност. Јас апсолутно очекувам тој да се фокусира на граѓанскиот пред националистичкиот концепт. Од него очекувам многу, бидејќи станува збор за човек кој е елоквентен, приземјен и апсолутно прецизен во своите изјави по било која основа“, предвидува Игор Атанасов.

Горан Адамовски