СЗО: Над 100.000 деца починаа од фалсификувани лекови


Еден од десет медицински производи што се продаваат во земјите со ниски и средни примања се или неквалитетни, или фалсификувани, покажува последниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО).

Според СЗО, луѓето користат лекарства кои не ги третираат, или не ги спречуваат болестите. Тоа не само што е трошење на пари за граѓаните и здравствените системи кои работат со овие производи, туку тоа може да предизвика сериозни болести, па дури и смртни случаи, нагласуваат од организацијата.

Експертите разгледале 100 студии за над 48.000 лекови. Речиси 65 отсто од фалсификуваните лекови ги сочинуваат лековите за лечење на маларија и бактериски инфекции.

Научниците кои ги ангажирала СЗО од Универзитетот во Единбург проценуваат дека меѓу 72.000 и 169.000 деца починале од воспаление на белите дробови откако примиле лажни лекови.

„Неквалитетните и фалсификуваните лекови, особено ги погодуваат најранливите заедници“, вели д-р Тедрос Аданом Чебрејесус, генералниот директор на СЗО.

„Замислете мајка која се откажува од храна или од други основни потреби за да плати за медицински третман на своето дете, несвесна дека лековите се фалсификувани или неквалитетни, а потоа тој третман доведува до смрт на нејзиното дете. Тоа е неприфатливо. Државите се согласија на мерки на глобално ниво – време е тие да се применат“.

Од 2013 година, СЗО прими 1.500 извештаи за случаи каде имало вакви лекови. Од нив, антибиотиците и лековите против маларија се најчесто пријавувани. Најголемиот дел од пријавите (42 отсто) доаѓаат од африканскиот регион, 21 отсто од американскиот регион и 21 отсто од европскиот регион.

Како што стои во извештајот на СЗО, ова е само мала фракција од целиот проблем, со тоа што голем број случаи најверојатно се непријавени.

„Голем дел од овие производи, како антибиотиците, се витални за опстанокот на луѓето и нивната благосостојба“, вели Мариангела Симао, асистентка на генералниот директор на СЗО.

Супстандардните и фалсификат лековите не само што имаат трагично влијание на поединечни пациенти и нивните фамилии, туку исто така се закана за антимикробниот отпор.