Се чекаат деца од уште две сурогат – мајки


Уште две брачни двојки склучиле договори со сурогат мајки кои треба да ги родат децата и да ги дадат на овие двојки, покажуваат податоците од Министерството за здравство.

По речиси три години откако државата го дозволи овој начин за добивање деца, законот „срамежливо“ заживува. Од почетокот на годинава, само една жена се пријавила и ги исполнила условите да биде сурогат – мајка, односно да роди дете за друг брачен пар кој не може да има деца. Од друга страна, 12 брачни двојки побарале помош да дојдат до дојдат до деца на овој начин.

-Во ноември и декември 2015-та година и во текот на 2016 година барање за запишување во Регистарот поднеле шест жени. Две жени ги исполниле условите – велат од Министерството за здравство.

Измените во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), со кој е воведена можноста за добивање дете со помош на гестациски носител, стапи на сила кон крајот на 2014-та година. Една година подоцна, кон крајот на 2015-та година, почнаа да се пријавуваат првите брачни двојки. Во Министерството за здравство се водат два регистри: еден во кој се запишуваат сурогат – мајките, и друг во кој се запишуваат брачните парови. И едните и другите треба да ги исполнуваат условите предвидени со закон пред да може да почне постапката: сурогат мајка може да биде жена од 25 години до 50 години, мајка на најмалку едно дете, психо-физички здрава, македонски државјанин, да биде во добра психофизичка и општа здравствена состојба, да не и е одземено или ограничено родителското право, да не и е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеци, да не и е ограничена или одземена деловната способност, да не е зависник од дрога, да нема тешко хронично заболување…

Право, пак, да дојдат до потомство преку овој закон имаат маж и жена кои се во брак, се македонски државјани, а причините за барање на сурогација може да бидат следни: жената од брачната двојка има вродено стекнато отсуство на матката или вродена аномалија на матката која не може да се коригира со модерни хируршки процедури според медицина базирана на докази или оштетувања на матката кои не можат да се поправат, потоа најмалку три неуспешни бремености на жената од брачната двојка, кога како причина за неуспехот се исклучени сите останати причини и фактори, освен оштетувања на матката.

Жената која се нафаќа да биде сурогат-мајка тоа го прави од хумани причини. Трошоците за храна, за витамини во бременоста и слично, ги надоместува брачната двојка и истите на месечно ниво не можат да го надминат износот од една просечна плата исплатена во државата. Исто така, брачната двојка не смее на гестацискиот носител да ѝ даде подароци во вредност повисока од 100 евра за целиот тек на постапката.

Предвидено е и кривично дело според кое ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години секој кој ќе бара или земе, односно понуди или даде паричен надоместок (пари, хартии од вредност, недвижен и/или подвижен имот, злато и/или други благородни метали или друга материјална корист) како паричен надоместок за спроведување на постапка на БПО со гестациски носител спротивно на забраната за земање на паричен надоместок за спроведување на постапка на БПО.

Досега, во Македонија преку сурогат мајчинство само еден брачен пар доби дете. Тоа беше родено летово, во приватна болница во Скопје. Сурогат-мајката е 44 годишна жена, која се нафатила да роди бидејќи биолошката мајка немала матка.

С.С.З.