Се инвестира во источна, уште повеќе во западна Македонија


Интензивно се гради и се инвестира и во западниот дел на Македонија, а само во патничкиот Коридор 8 ќе бидат вложени околу половина милијарда евра. Вака вчера министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одговори на прозивката од партијата на Зијадин Села, Алијансата за Албанците, дека буџетските пари се слеваат само во инвестиции во источниот регион. Речиси исто толку до 2022 година ќе треба да се вложат и во изградба на железничкиот Коридор 8, кој ќе треба да ја поврзе Македонија со Албанија и со пристаништето Драч.

Сугарески најави дека во втората половина од годинава преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се распише тендер за реконструкција на патот од Тетово до Гостивар на ниво на стандарден автопат. Во меѓувреме, посочи, се работи на реконструкција на државниот пат од Гостивар до Кичево, со вкупна од преку шест милиони евра, а во тек е и проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево. Продолжува и изградбата на автопатот од Кичево до Охрид кој, според новиот рок, треба да биде готов во 2021 година.

Алијансата пред два дена реагираше на најавата дека во источна Македонија ќе се потрошат 320 милиони евра за инвестиции и обвини дека е несфатливо како се запоставува делот од земјава каде што мнозинство се Албанците. Тие го споменаа патот Скопје-Призрен, како и автопатот Скопје-Дебар како проекти кои, како што велат, владејачката ДУИ им ги ветува на гласачите во западниот дел од земјава пред секои парламентарни избори.

Во западниот дел во моментов се работи на рехабилитација на автопатот Скопје-Тетово, во должина од 17 километри. Досега се обновени девет километри, а до крајот на јуни се очекува да завршат работите на едната страна од автопатот.

„Свесни сме за потребата од реконструкција и на други регионални патишта во овој дел на Македонија. Истите се детектирани и планираме да ги вметнеме во програмите за работа за следните години“, посочи Сугарески. Автопатот Гостивар-Кичево со должина од 42 километри ќе се гради во три фази. Проектирана е само првата, за која се потребни околу 90 милиони евра.

Паралелно со патната инфраструктура, ресорот на Сугарески работи и на планирање и изградба на железничкиот Коридор 8. Во третата фаза, до 2022 година ќе треба да заврши изградбата на делницата Кичево-Лин, Албанија, во должина од 63 километри. Проектирањето е веќе завршено, а за овој дел од пругата ќе треба да бидат обезбедени 529 милиони евра. Со неа ќе се заокружи трансверзалата исток-запад и со железница ќе се поврзат Драч, Скопје и Софија со Истанбул.

Тетово и Гостивар, а понатаму и другите општини во западниот дел, ќе се поврзат и со гасоводната мрежа преку магистрален гасовод, кој деновиве е во центарот на интересот на јавноста поради изборот на трасата преку Водно и Матка.

Сања Наумовска