Се бара условна затворска казна за чуварите што го сликаа Чавков


Скопското јавно обвинителство, по спроведената истрага, бара условна казна за двајцата затворски чувари, кои што го фотографираа поранешниот министер и директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Митко Чавков. Тие се товарат дека сториле кривично дело: неовластено снимање.
„Имено, на 30 ноември минатата година, првообвинетиот како службено лице што било на стражарска кула го забележал оштетениот, поранешен функционер во МВР, искористил поволен момент и преку прозорското стакло, без негова согласност, го фотографирал, притоа повредувајќи му ја приватноста. Фотографиите во приватна порака, преку социјалните мрежи ги проследил на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца униформирани полициски службеници“, наведуваат од обвинителството.

Во предлогот за издавање на казнениот налог, предложено е судот на обвинетите да им изрече условна осуда и да им утврди казна затвор во траење од три месеци што нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело во траење од две години.​

Чавков е еден од обвинетите за насилтвата во Собранието од 27 април минатата година. Двапати беше апсен и пуштан на слобода. Во моментов, од слобода го чека почетокот на судењето закажано за 22 август.