Села не дојде на суд


Пратеникот Зијадин Села денеска не дојде на рочишето во Кривичниот суд, кое се води против десетмина обвинети за обид за негово убиство на 27 април минатата година во Собранието на РМ.

Иако претходно беше најавен дека ќе пристигне на судењето откако ќе бидат сослушани двајцата сведоци, Села не дојде и своето присуство го најави за следното рочиште.

Села преку неговиот адвокат Абедин Абдули замолил исказот да го даде на следното рочиште, бидејќи денеска судењето се одвива бавно, а тој како лидер на Алијансата аа Албанците имал низа обврски.

Следните рочишта судијката Славица Андревска ги закажа за 19 и 20 февруари, кога се очекува исказ да даде Села како оштетен, како и вештите лица.

Адвокатот на Села на денешната главна расправа побара отштета за својот клиент во висина од 30 милиони денари.

Средствата што се бараат како отштета се за материјалните трошоци за лекувањето на Села, како и за претрпената физичка и душевна болка, повреда на личниот интегритет и за претрпен страв.

На денешното рочиште за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села како сведок предложен од Обвинителството пред Судот исказ даде Орданче Соколовски, кој е вработен како монтажер во фирмата што го поставувала видео надзорот во Собранието на Република Македонија.

Сведокот рече дека камерите биле поставени при реконструкцијата на Собранието на РМ во 2015/2016 година и дека тој учествувал во монтажата на дел од нив.

Соколовски беше испрашуван од обвинителот Дарко Јакимовски и од адвокатите на обвинетите. Рече дека на 28 април минатата година бил во Собранието заедно со инспектори на МВР да извадат видео снимки по барање на Обвинителството. Сведокот посочи дека ги дал снимките на инспекторите на МВР, но дека немал можност да ги гледа.

Попладнево треба да биде сослушан и вториот сведок на Обвинителството.

Поради промена на двајца поротници, главната расправа денеска почна од почеток.

Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

За настаните во Собранието веќе се изречени судски пресуди за два предмета. Во првиот, девет лица учесници во насилства добија условни казни, а во вториот случај Панче Ангелов, напаѓачот на Радмила Шекеринска доби казна затвор од четири години.

Во тек е истражна постапка и за предметот што го отвори Јавното обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за што се осомничени 36 лица.