СДСМ меѓу коалицијата и дијалогот со опозицијата


Од спикерот Талат Џафери зависи процедурата според која пратениците ќе одлучуваат за законот за употреба на јазиците во трето читање, односно дали претходно ќе се разгледуваат дел или сите близу 36 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, или ќе се оди директно на гласање. По „паузата“ што Џафери им ја даде на пратеничките групи, откако СДСМ практично се заложи да се остави простор за амандманска расправа, последните информации се дека најголемата владејачка партија е подготвена повторно да го поддржи законот за јазици, независно дали ќе се разгледуваат или не амандманите на опозицијата.

„Пратеничката група на коалицијата на СДСМ даде поддршка за законот за јазици и при утврдување на потребата за негово донесување и при неговото изгласување во второ читање. Не гледам причина зошто третпат не би гласале за истото решение“, вели потпретседателот на парламентот Горан Мисовски.

Околу тоа дали пратениците од коалицијата на СДСМ би дале поддршка за законот без претходно да се расправа за опозициските амандмани, Мисовски вели дека процедурата за тоа како ќе се носи законот е во надлежност на претседателот на Собранието.

Очекувањата во парламентот се дека кон средината на неделава ќе биде закажано ново продолжение на 32. пленарна седница, на чиј дневен ред прва преостаната точка за разгледување е таа за јазиците, по што следуваат и други закони, меѓу кои се и тие за намалување на патните трошоци за пратениците. Оваа седница би требало да продолжи в среда или в четврток, кога се очекува во собраниската сала да се појават и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои најавија дека ќе бидат во парламентот кога ќе почне расправата за јазиците. Одлуката околу тоа како ќе се одвива седницата се очекува да биде донесена на утрешната координација на собраниското претседателство, наместо редовната понеделничка координација која е одложена поради протоколот за одбележување на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот Треблинка.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот дека треба да се разгледуваат сите нивни амандмани, а дека во спротивно ќе одат на судска разврска за прекршување на процедурите во парламентот. Наспроти тоа, од СДСМ оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да им покаже на поранешните партнери од ДУИ дека може да ги блокира за нешто што претходно заедно го договараа додека беа во коалиција.

Првичниот став на социјалдемократите дека треба да се почитуваат процедурите и Деловникот, наспроти најавите на ДУИ за можно прескокнување на амандманската расправа, создаде впечаток за конфликт во владејачката коалиција. Од друга страна, проценките се дека ако амандманите на ВМРО-ДПМНЕ завршат во „контејнер“, тоа може да го загрози дијалогот меѓу опозициската партија и СДСМ во работните групи за реформските закони и за изборната регулатива. Иако повеќето од овие закони се носат со апсолутно мнозинство, има и такви за кои е потребна двотретинска поддршка, што не може да се обезбеди без асистенција на ВМРО-ДПМНЕ, како што се, на пример, законите за следење на комуникациите и за судовите. (А.М.М.)