Светот бара одговори: Зошто за кратко време настрадаа толку многу луѓе во пожарите во Атина?


Службите во грчката престолнина ги санираат последиците од катастрофалниот пожар, бројат жртви и трагаат по исчезнатите, но сите се прашуваат како можеше да настрадаат толку многу луѓе за толку кратко време. Покрај големиот број жртви, според некои тврдења, опожарени се и над 1.000 домови.

Во една ноќ, пожарите се раширија низ предградијата околу Атина со таква брзина што истовремено имаше десетина активни пожари на три фронта. Некои предградија се целосно уништени од огнената стихија, а очевидци од овој дел на главниот град велат дека ситуацијата била како да избила трета светска војна. Официјалниот, бројот на жртвите засега е 79, а 200 се повредени.

Потрагата по исчезнатите трае, а на социјалните мрежи се спроведуваат акции за наоѓање на исчезнати роднини и пријатели. Материјалната штета исто така е огромна, а според некои тврдења, опожарени се над 1.000 домови. Едно од најчесто поставуваните прашања по оваа катастрофа е како можеше да загинат толку многу луѓе во главниот град на една европска држава?

Одговор на ова прашање понуди новинар на „Скај њуз“. Тој тврди дека евакуацијата на граѓаните била организирана на време и дека тоа не е причина за големиот број настрадани.

„Иако бројот на жртви е навистина голем, многу луѓе сепак беа евакуирани. Евакуацијата не беше лошо спроведена, туку пожарот беше толку силен и се рашири толку брзо што луѓето едноставно немаа време да побегнат. Глетката на луѓе како бегаат исто така беше хаотична. Пламените јазици зафаќаа цели конвои со возила, а тогаш луѓето излегуваа од возилата и бегаа кон морето. Некои успеаја, некои не. Поради тоа ситуацијата беше многу неизвесна за илјадници луѓе кои се најдоа заглавени во хаосот“, објаснува тој.

Неговата теорија ја потврди и жител на едно од предградијата што беше најмногу погодено од пожарот и кој и самиот бегал од огнената стихија и се обидел да им помогне на две жени кои биле заглавени во автомобил зафатен од пожарот, но не успеал.

„Станува збор за катастрофа од библиски размери во оваа прекрасна област“, рече тој.

Димитри Пирос, заменик-началник на Управата за противпожарни и спасувачки единици, објаснува дека борбата со ваква огнена стихија е толку тешка што е тешко да се замисли ако не сте дел од неа или не учествувате во напорите за спасување.

И тој вели дека брзината со која се ширеле пожарите и јачината на огнот се главните виновници за катастрофата во која и животите на пожарникарите биле во опасност. Тој додава дека во таков случај се дозволува пожарот да се прошири за да може да му се пресече движењето и така да се справат со него.

Во Атина, исто така, дуваше силен ветер што придонесуваше за брзо и неконтролирано ширење на пожарите.

Преживеаните во изјавите за медиумите велат дека сѐ се случило во неколку минути и дека за кратко време сѐ било уништено.

Постои и сомневање дека пожарите биле подметнати. Властите побараа американски дронови да надлетуваат над опожарените области во потрага по сомнителна активност бидејќи 15 пожари избувнале истовремено во разни области околу Атина, најверојатно од криминална банда со цел да ги ограбува домовите кои луѓето ги напуштаат во паника.

Ветровите со брзина од 104 км/ч и температурите од 40 Целзиусови степени не ги олеснуваат напорите на домашните и странските противпожарни единици да ја изгаснат огнената стихија која е прогласена за национална трагедија и катастрофа од библиски размери.