Свекрва во Студената војна


Новата Студена војна е уште постудена. Западот е убеден дека Русија стои зад труењето на поранешниот шпион во Англија, уште пред да има докази за тоа. Русија се претставува како невина жртва и негира вмешаност во обидот за убиство на Сергеј Скрипаљ. Поранешниот шпион на КГБ и двократниот агент е отруен среде Солсбери, на југот на Англија, заедно со својата ќерка, и тоа со нервен агенс кој е развиен од Советскиот Сојуз, но не е користен само таму. Скрипаљ и неговата ќерка се борат за живот, а светот прашува – која е вистината?

Британија ја соопшти својата вистина веднаш по анализата на користениот отров: Русија е виновна. Москва, вели таа, по којзнае кој пат сака да покаже како поминуваат отпадниците меѓу нивните шпиони. Русија не отстапува од газењето на законите и правилата за да испрати страшна порака на идните „предавници“.

Во Лондон веќе постои голема крвава трага од мртвите руски азиланти од кои некои, иако не сите, се познати дисиденти. Меѓу неразјаснетите убиства е и тоа на Александар Литивјенко, поранешен човек на КГБ, отруен со радиоактивен полониум од руска лабораторија. Британската вистина во меѓувреме е прогласена и за вистина на целиот Запад: во заедничко соопштение Доналд Трамп, Тереза Меј, Емануел Макрон и Ангела Меркел вперија прст кон Русија. И пред случајот со Скрипаљ, руската листа на гревови беше долга: прикриената, необјавена и до ден-денес негирана војна против Украина; државниот допинг меѓу олимпијците; соборувањето на малезискиот патнички авион над источна Украина со проектил од рускиот арсенал – во сите овие случаи, Москва е фатена во лага. Ги отежнуваше истрагите и во приказните подметнуваше верзии според кои сето тоа е провокација од Западот.

И во случајот со Скрипаљ, Русите имаат своја вистина. За шефовите на Кремљ е јасно дека оваа афера е дел од глобалниот антируски заговор. Наводно, да се потресе земјата и претседателот среде кампањата. Руските медиуми очајно бараа начини и причини со кои би можеле да обвинат дека советскиот отров всушност доаѓа од Западот. А некои московски медиуми шират луди теории според кои идната свекрва Јулија Скрипаљ го извела нападот.