Сведокот ги слушнал истрелите кај Смилковското Езеро


Загрозениот сведок во случајот „Монструм“ денеска првпат пред судот рече дека слушнал и неколкукратни истрели пред да ги забележи петте мртви тела. Тој, сепак, не успеал да види кој пукал. Претходно, сведокот потврди дека на местото на злосторството ги имал забележано обвинетите Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ и Сами Љута, а и пак повтори дека повторно може да ги препознае. Не можеше да се сети дали и првообвинетите за петкратното убиство: Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, ги видел во близина на Смилковци, иако му беа приложени фотографии.

На реакциите од обвинетите и од нивната одбрана, обвинителката Фатиме Фетаи одговори дека прашање за пукотниците никогаш и не му било поставено. За наредните рочишта е предвидено вештачење на автомобилот „голф“, кој се поврзува со злосторството извршено на 12 април 2012 година.

Адвокатот Насер Рауфи изјави дека сведокот е лажен, а не загрозен, посочувајќи дека имало огромен квантитет на разлики во неговите искази.

Загрозениот сведок вторпат сведочи во постапката за случајот „Монструм“ откако Врховниот суд го врати предметот на почеток, а го презеде специјалното обвинителство. За убиството на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски и Борче Стевковски се обвинети Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Самир Љута, Фејзи Азири, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. За последните двајца е во тек постапка за екстрадиција од Косово. Властите во Приштина веќе шест години одбиваат да ги испорачаат во Македонија.