Санчез осуден на 16 месеци затвор за затајување данок


Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Алексис Санчез е осуден на 16 месеци затвор поради затајување данок во Шпанија во висина од еден милион евра, но нема да ја отслужи казната зад решетки, бидејќи првпат направил таков прекршок и затоа што казната е помала од две години.

Поранешниот напаѓач на Барселона ја призна вината и ќе го врати споменатиот износ, со камата, но нема да оди во затвор, затоа што шпанскиот закон дозволува казната под 24 месеци да не се отслужува.

Чилеанецот е обвинет дека, додека играл за Барселона, во 2012 и 2013 година, тој не ги пријавил приходите од имиџ правата.

Ист договор со шпанските власти склучија Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Рикардо Карваљо и Жозе Мурињо, кои исто така признаа затајување данок.