„Саздо беше следен цел месец, го претепаа пред девојка му“, велат неговите другари


Дваесет и едногодишниот Никола Саздовски, кој крвнички беше претепан пред десетина дена во скопската населба Автокоманда, вчера рано наутро им подлегна на повредите. По десетина дена минати во кома на Клиниката за реанимација и интензивно лекување, младиот Саздо не издржа. Саздовски при тепањето паднал на тротоарот, силно ја удрил главата, при што настанале тешки повреди на мозокот и западнал во арефлексна кома од која не се извлече. Тој ќе биде погребан денеска на гробиштата во Бутел.

Смртта на момчето, кое беше припадник на навивачката група „Комити“, им ги скрши срцата на неговите најблиски, другарите, пријателите, но и на сите оние кои до пред некој ден никогаш немаа слушнато за него. Како виновници за бруталното претепување се споменуваат три лица. Двајца од нив се во притвор, третиот е во бегство. Нивниот идентитет не се открива, надлежните се плашат дека се можни тензии на меѓунационална основа и стравуваат работите да не излезат од контрола. Ќе одговараат за насилство што е многу полесно дело, па и казната е многу помала во споредба со обид за убиство. Тоа предизвика голем гнев кај блиските на популарниот Саздо.

Од Основното јавно обвинителство вчера ни изјавија дека преземаат дејствија во истражна постапка за утврдување на фактите.

Донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за сторено кривично дело насилство од член 486 став 6 во врска со став 3 и во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во ова кривично дело, во ставот 6 е нормирана и настаната тешка телесна повреда или смртна последица од извршеното кривично дело насилство. Надлежен јавен обвинител донесе наредба за вршење обдукција на починатото лице. По прибирање на релевантниот доказен материјал, негово проучување и анализа, ќе донесеме одлука во која ќе се утврди и правна квалификација на стореното дело“, велат од обвинителството.

И од Министерството за внатрешни работи вчера рекоа дека две лица се уапсени и им е одредена мерка притвор, додека по едно се трага.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19), сите од Скопје. На 29 јуни околу 17:30 часот во Скопје на автобуска постојка на булеварот ‘Александар Македонски’, пријавените физички го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’. По преземените мерки, од страна на полициски службеници прво и второпријавениот се лишени од слобода и им е одредена мерка притвор. Целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното Јавно обвинителство“, соопштија од полицијата.

Другарите на Никола со неверување ја примија трагичната вест. Тие до последен момент веруваа оти нивниот Саздо ќе успее да се избори за живот.

Под апчиња сме, немаме зборови. Не е можно ова да се случува… Саздо беше другар и пол, имаше срце како планина, верувавме дека ќе успее да се спаси“, велат другарите на момчето.

За починатиот другар од Кисела Вода велат дека секогаш прв истапувал кога требало да се заштити некој пријател, бил храбар и непоколеблив. Во семејството Саздовски биле три деца, сега другите две ќе мора да го носат споменот на Саздо и да ги направат горди родителите.

Ги знаеме кои се напаѓачите, од Чаир се, заштитени се како бели мечки од државата. Цел месец нѐ следат, ни се закануваат по ‘фејсбуци’ и по СМС-пораки. Пред некоја недела избодеа со нож едно наше дете. Сега го чекаа Саздо. Го нападнаа кукавички додека беше со девојката. Чекале автобус на станица, застанал ‘мерцедес’, излегле три-четворица и го нападнале со тупаници, боксови, па дури и со нож. Му ги скршиле ребрата, тој паднал на асфалтот, со главата удрил на тротоарот. Напаѓачите побегнале, а на Саздо дури тогаш му пришле луѓе да му помогнат“, гневни се неговите пријатели.

Всушност, токму по реакцијата на „Комитите“, случајот излезе во јавноста. Од Министерството за внатрешни работи најпрво не информираа за инцидентот, а потоа го ставија во својот билтен, посочувајќи ги истите информации што ги имаа во вчерашната изјава.

Комитите“ реагираа и прашаа од кога дело убиство во обид, кое се казнува со дваесет години затвор, се преобразува во дело насилство и зошто МВР се обиде да го заташка случајот? (Н.В.)