Родители во одбрана на воспитувачката која наводно тепала дете


Вкупно 42 родители на деца од градинката „Срничка“ во Аеродром се јавија во одбрана на воспитувачката за која пред извесно време беше пласирана информација дека истепала дете.
Родителите кои имаат деца во групата што ја води воспитувачката, како и на деца од претходната група на истата воспитувачка, потпишале изјава што ја доставиле до Државниот инспекторат во Министерството за транспорт и врски, до општина Аеродром и до директорот на установата. Тие посочуваат и дека детето што, наводно, било истепано родителите го носеле сѐ уште во истата градинка и кај истата воспитувачка.

Во изјавите што ги потпишале, родителите посочуваат дека воспитувачката се грижи совесно и посветено за нивните деца.
„Немам никакви забелешки на нејзината досегашна работа и сум задоволна/ен од начинот на кој го воспитува и едуцира моето дете, кое ѝ го оставам на чување со доверба. Истовремено, очекувам надлежните институции, процесот во кој е инволвирана таа, да го водат непристрасно и професионално, имајќи ги во предвид интересите и на моето дете, без преземање на активности пред да биде докажана или отфрлена било каква вина“, се наведува во изјавата.

Минатата недела беше објавено дека мајка од Аеродром пријавила во полициска станица дека кога го земала нејзиниот шестгодишен син од градинка забележала дека има оток на десниот образ. Детето кажало дека неговата воспитувачка го удрила неколкупати. За настанот мајката го известила директорот на градинката, кој рекол случајот да го пријави во полиција. Таа го однела синот во здравствена установа, каде што ѝ била издадена лекарска потврда за оток во пределот на лицето.