Роденденска ревија на Лидија Георгиева: Со модата ќе патувам низ времето и просторот
Лидија Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и реномирана модна дизајнерка, на 1 ноември, во ексклузивниот простор F.A.M.E.S ќе одржи роденденска ревија, во рамките на Моден викенд – Скопје. Слави 30 години кариера и 20 години од брендот.
– Ревијата „Милион милји време“ симболично ги спојува и времето и просторот што изминативе децении сум ги поминала и креативно и во патување низ Европа и пошироко. На пример, годинава пресметав дека во просек сум поминала 1.400 километри месечно – вели Георгиева.
Темата е патување и ќе биде раскажана преку 20 модни силуети.
-Секако, главна одредница е слободата, дообјаснува Лидија, која не сака да открива ништо повеќе за новата ревија. Вели, нека биде изненадување.
Георгиева, со богато модно портфолио, кое го има создавано меѓу Париз и Скопје, еднаш годишно е присутна со ревии на најголемото модно случување кај нас. Со свои колекции кои се состојат од мали серии или уникати рачно изработени модели, печатени, везени или плетени, или со ревии на нејзините студенти од Технолошко-металуршкиот факултет. Актуелна е и со дизајн на театарски костими и за модерен балет, а сигурно чекори и во создавањето свое место на сцената на дизајн за дом.
– Навистина уживам во работата, имам доволно идеи и енергија за сето ова, се случува луѓето да ме бараат со понуда за работа, но се случува и јас да ги креирам настаните, особено ако ми светне „сијаличката“ за потенцијал на ново искуство – вели Лидија.
Има тектонски промени во светските модни куќи, во однос на креативните директори, но и големите брендови се купуваат од луксузните империи. Бидејќи во Париз имаш работено во модни куќи на висока мода како „Балман“, „Рошас“… дај ни од прва рака информации на што се должи тоа? Нормална работа или?
– Овој процес започна уште во раните 90-ти, кога луксузните модни куќи почнаа да се будат од сонот. Тогаш комплетно се сменија дефиницијата, очекувањата и работните обврски на дизајнерот (впрочем, дотогаш се викаше моден креатор и слично). Денес само ги гледаме последиците од тоа квантитативно, наместо квалитативно вреднување. Креативната работа не оди секогаш во склад со таа состојба и дизајнерите во еден момент навистина веќе не сакаат да се дел од таков систем, особено кога премногу ќе ги исцицаат своите креативни способности, во еден и само еден интерес – финансиски. Лично, јас затоа и преферирам да останам независна и да одам по тенка гранична линија меѓу шоу-бизнисот и вистинската креација.
Колку за еден дизајнер е битен талентот, а колку високото образование? Што го прави еден дизајнер врвен, за да добие ангажман во Париз, Милано, Лондон, Њујорк…?
– Талентот секако, но честопати талент е и снаодливоста во секоја смисла на зборот. Што се однесува до образованието, не сум баш обожавател на самосоздадени дизајнери без ликовна и визуелна подлога ниту, пак, искуство во некоја модна куќа. Многу е важно каде ќе учиш, без разлика дали е занает или само креација. (Л.С.)