Рецензија: „Ѕвездата е родена“


Големиот интерес кон необичната поп-ѕвезда Лејди Гага се чини се пренесе и на филмскиот хит. Ова е важно да се каже бидејќи во филмов таа како да се толкува самата себеси. Секогаш е своја, а успехот во забавната индустрија го должи на посветеноста, професионалноста и искреноста, а не на компромисноста. Доколку сериозно анализираме, ова е навистина редок случај. Имало и пред тоа случаи на оригиналност, но била од присилен тип. На пример, онаа на Џенис Џоплин, која се должела на хероинската зависност, но сепак се залепила на оригиналноста на седумдесеттите. Ваквиот случај на бродење контра брановите е раритетен. Лејди Гага е некоја која својата инспирација ја наоѓа во отфрленоста на маргинализираните групи, силуваните адолесценти, највредните – а најобезвреднетите нешта на нашата цивилизација како уметноста. Оттука и потекнува многу и ретко успешната соработка со една уметница од највисок ранг, која е Марина Абрамовиќ. Се чини Лејди Г. и покрај успехот планира да остане на своето. Нема некои навестувања дека би направила некакви конзервативни компромиси, зашто всушност слепото верување во божественоста на креативниот чин и е искажување на конзервативен став.

Оваа продукција е римејк на многуте претходници. Би спомнал само некои, но за сите важи дека го привлекоа вниманието на себе со она што се нарекува на француски – успех должен на скандалот. Џуди Гарланд привлече внимание на себе со својот барбитуратен настап, а Еврејката Барбра Стрејсенд шокираше со својата афера со Арапот Омар Шариф во време на израелско-египетскиот конфликт. Оваа продукција, пак, е ретка бидејќи привлекува навистина со она што го содржи. Помалку оригиналната страна, пак, ѝ е маркетиншката стратегија која се базира на ликот и делото на продуцентот, режисерот и главен протагонист Бредли Купер. Тој до крај сака да го искористи фактот дека публиката никогаш не му врти грб кога толкува романтични антихерои. Ова му е сигурно веќе петтиот филм со ваков пристап, ако не и повеќе (зависи како се интерпретира). Сепак, дојде до некакво повторување, кое особено е воочливо во дијалошката шема која инсистира на непосредност. Присното водење на дејствието му лежи, но доколку сте му ги гледале минатите хитови ќе се блазирате. Ќе ви се чини како да го гледате во истиот лик неколкупати. Значи, убедливоста, свежината, шармантноста на романтичната врска го запалуваат екранот, но претходните Бредлија ви се мотаат во свеста. Во целина најшироката публика не би била разочарана бидејќи филмот поседува и една софистицирана естетика базирана во едноставноста на водењето на дејствието, без излишни преобјаснувања. Правилно било решено акцентот да се стави на убавината на сценскиот настап, квалитетот на вокалот, доловувањето на концертниот контакт публика-изведувач. Камерата на Метју Либатик (прочуен по својата соработка со Дарин Аронофски) навистина е полн погодок претставувајќи го музичкиот чин со неразубавената магичност која заслепува онака како што тоа го прават просветките од рефлекторите кои директно ви се вовираат во очите, но тоа слатко попречување ви се допаѓа бидејќи е во ритам со обземачката музика.

Кастингот, исто така, се одликува со една луцидност. При што автентичноста е единствениот критериум, а не ѕвездените имиња – со исклучок на првите двајца. Особено блескава е епизодата на Сем Елиот кој нè потсетува на огромниот, масивен актерски талент кој владееше во Холивуд во седумдесеттите и осумдесеттите, а кој исчезна како што диносаурусите ги снема од планетава. Ретко кога еден филм успева да ја пренесе филозофијата на главниот протагонист чиј актер кариерно ја имал зад себе. Така убавината на музиката станува веродостоен репрезент на сакралноста на едно верување. Својата интересна епизода ја имаше и ќерката на Роберт де Ниро, Дрина крстена така според книгата „Мостот на Дрина“.

Игор Поп Трајков