Рената Дескоска за новите мерки: Ќе им ставиме крај на фабриките за дипломи
Во тек се уписите. Кои ќе бидат новините за првачињата во учебната 2018/2019?
Пилот-наставните програми се прават по препорака на експертскиот тим што ги подготвуваше измените. Во образовните реформи примарен е квалитетот, и нема да ја повториме грешката од минатото на брзо воведување реформи. Потребни ни се наставни програми што ќе бидат тестирани, а потоа и евалуирани од страна на тим од експерти пред да бидат воведени во целиот образовен систем. Измените во Законот за основното образование предвидуваат намалување на фондот на часови, за кои во моментот Бирото за развој на образованието врши приспособување. Оние ученици што ќе учат по пилот-програмата ќе учат по нови учебници.
Измените на Законот за основно образование се на јавна расправа, се предвидува надворешна евалуација на училишта. Kој ќе го врши оценувањето?
Според предвидените измени во Закон за основното образование, оценувањето на квалитетот на работата на училиштата се прави низ самоевалуација и надворешна евалуација на училиштата. Самоевалуацијата се прави со цел училиштето да создаде критички поглед за сопствената работа, односно таа поттикнува култура на рефлексија, но и поттик за подобрување на својата работа со учениците.
Надворешната евалуација ќе ја врши Државниот испитен центар и таа ги опфаќа резултатите од државните и меѓународните тестирања, учеството на наставниците и учениците во меѓународни проекти, учеството и постигнувањата на учениците на државни и меѓународни натпревари, учество на наставниците во обуки и други аспекти. Воедно, за обезбедување квалитет на наставата, училишниот одбор на секои четири години ќе носи програма за развој на училиштето во која ќе бидат земени предвид резултатите од самоевалуацијата спроведена од страна на училишната комисија, советодавната и стручната помош од Бирото, резултатите од надворешната евалуација и препораките од извештајот од интегралната евалуација спроведена од страна на Државниот просветен инспекторат. На овој начин, системски пристапуваме кон подобрување на образовниот процес.
Го сопревте учењето по меѓународната програма Кембриџ, која беше проект на претходната влада. Што ќе се смени во наставни програми за средношколците, пред сѐ за гимназијалците и оние што учат во уметничките, музичките и спортските училишта? За оние што се во средните стручни, рековте ќе следуваат реформи во наставните програми, кои ќе бидат приспособени според потребите на пазарот на труд? Ќе успее ли министерството за образование, сево ова да го реализира до септември?
Наскоро ќе следува измена на Законот за средното образование, бидејќи таа е најнужна. Законот е навистина стар и потребно е да се приспособи на современите потреби на учениците. Секако, неспорно е дека треба да се осовременат учебниците и наставните програми за средните училишта, што е процес кој е почнат во Педагошката служба.
Во средните стручни училишта воведуваме дуално стручно образование кое значи поврзување на училиштата со стопанството, со што на учениците им се овозможува стручна пракса и работа во компаниите додека тие с‘ уште се ученици. Спојување на практичната работа и образованието, спојувањето на учениците со идните работодавци, нивно усовршување и создавање компетенции за време на образовниот процес, значи брзо вработување за учениците, како и добивање компетентен работник за компаниите веднаш по завршувањето на образовниот процес во кој компаниите не треба ништо да вложат. Тоа е приспособување на потребите на стопанството со пазарот на трудот – процес во кој сите се добитници.
Многу од родителите се жалат дека учебниците се стари, а во дел и има грешки?
Процесот на ревизија на учебниците започна во септември минатата година, со тоа што испративме прашалник до сите наставници во кој тие имаа можност да ги воочат грешките во учебниците. Оттогаш наваму процесот трае, а ќе следуваат делумни измени во учебниците каде што се воочени грешките. Беа формирани комисии за два учебника и по нивен предлог истите беа повлечени од употреба, а за истите предмети (Општество за IV одделение и Граѓанско за VIII одделение) ќе бидат изработени нови учебници. Воедно, во тек е изработка на нови учебници по повеќе стручни предмети и истите ќе бидат достапни во новата учебна година.
Лицата со попреченост бараат вработување во училиштата на дефектолози, логопеди и лични асистенти, стручни во областите. Имате ли планови за вработување на вакви кадри? Истражувањето на народниот правобранител покажа дека во половина од средните училишта, во 58 не се вработени дефектолози и толку училишта немаат изработено ниту индивидуални образовни планови да работат со учениците.
МОН работи и ќе работи на зајакнување на психолошко-педагошките служби во училиштата, како и на дополнување на кадарот што е дефицитарен во образовните институции. Измените на Законот за основното образование предвидуваат дека училиштата ќе бидат должни да обезбедат личен асистент за секој ученик со попреченост, при што асистентите ќе добиваат надомест за својот ангажман од буџетот на државата. Јасна заложба на оваа Влада е лицата со попреченост да ја добијат потребната грижа и внимание од институциите. Дополнително, заради воспитувањето и образованието на децата со попреченост, се предвидува формирање мобилни служби составени од стручни лица: психолог, специјален едукатор дефектолог, логопед, социјален работник и педагог. Секако, во меѓувреме, одвојуваме средства за вработување на дефектолози во училиштата.
Основните училишта со децентрализацијата се под надлежност на општините. Меѓутоа, како проблеми и натаму се јавуваат инфраструктурата, недостигот на просторни услови, застареноста на компјутерите, немањето интернет… Истражувањето на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) покажа дека дури во 30 основни училишта нема ни тоалети. Ќе има ли Министерството решение за овие проблеми?
Некои проблеми не можат да се решат преку ноќ. МОН активно работи на реновирање и реконструирање на училиштата, како и на изградба на нови. Имаме партнери со кои реновираме дел од македонските основи и средни училишта, дел ги реновираме со средства од буџетот на МОН, а морам да истакнам дека на територија на Македонија имаме училишта кои сами, од сопствени средства и преку донатори ги подобруваат условите. Реконструкција или изградба на нова образовна инфраструктура се проекти што граѓаните на локално ниво вистински ги ценат, па токму затоа укажуваме од потребата и општините да вложуваат повеќе во училиштата.
Дел од високообразовните установи немаат доволно наставен кадар и просторни услови за работа, а проблем им е и начинот на финансирање. Професорите бараат државата да усвои модел по цена на чинење по студент. Со измените на Закон за високо образование предвидено е формирање национален совет, враќање на стручните соработници, асистентите, демонстраторите. Гарантираат ли овие измени квалитет на факултетите и намалување на корупцијата?
На јавните универзитети во јули се одобрија нови вработувања, а сега се во постапка за одобрување и нови вработувања. Буџетот за високото образование во споредба со минатата година се зголеми за половина милијарда денари или за цели 20 отсто. Реформите во високото образование, почнувајќи од формирањето на Агенцијата за квалитет, треба да стават крај на фабриките за дипломи. Оценувањето на квалитетот на студиските програми е нешто што недостигаше во минатото. Мора да оцениме дали она што факултетите го имаат на хартија – го имаат во своите предавални пред студентите. Околу поефикасното спречување и заштитата од корупција, универзитетскиот Сенат од редот на редовните професори ќе избира овластено лице за прием на пријави за корупција. Секако, механизмите се предвидени, но предизвикот што е пред нас е имплементацијата на законот.
Планирано ли е реновирање на студентските домови?
Реновирањето на студентските домови е постојан проект, с‘ до исполнување на најоптималните услови за престој на студентите. Годинава ќе заврши реконструкцијата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, заедно со партерното уредување и новата менза, а ќе биде изработен и проект за реконструкција на Студентскиот дом „Стив Наумов“, кој е следен на листата на приоритети за реконструирање. Секако, наша цел останува и намалување на долговите на студентските домови што се таложеле со години, а претставуваат реален проблем и финансиско оптоварување кое реално ни отежнува при планирањето на поголемите нови зафати за реконструкција.
Одборот за акредитација и евалуација со измените на Законот за високо образование е поделен во две тела. Едното е за оценување на квалитетот на програмите, другото за акредитација. На високообразовните установи има околу 1.500 студиски програми. Дали ова значи дека ќе има построги контроли, затворање на факултети и укинување на веќе акредитирани програми што не ги исполнуваат условите за кои веќе добиле акредитација?
На сите јавни и приватни високообразовни институции примарна цел треба да им биде подигнување на квалитетот на студиските програми, а не битката за профит. Ова, за жал, не е така и изминатиот период видовме дека многу од овие институции се претворија во фабрики за дипломи. Мора да ставиме крај на корпоративниот пристап во образованието.
„Стратегијата за образование 2018-2025 година“ ги опфаќа сите образовни нивоа. Една од мерките во неа е младите од различните етникуми да се научат на соживот и толеранција. Како ќе се урнат пред с‘ физичките бариери? Младите од различни етникуми сега учат во различни училишта, посетуваат настава во различни смени.
Потребно е да ги срушиме тие бариери и да изградиме мостови што ќе ги поврзуваат децата. Сегашниот систем е практично модел на сегрегација што ги одвојува учениците едни од други, со што нивните врски, пријателства системски се оневозможуваат. Во измените на Законот за основното образование предвидуваме специјални програми за унапредување на мултикултурализмот, за меѓуетничката интеграција и толеранцијата, односно ќе ги стимулираме училиштата да организираат активности помеѓу различните етничките припадности. Но вистинската мерка е предвидување заеднички активности за учениците што учат во исто училиште на различни јазици, честопати во различни згради.
Заврши тестирањето ПИСА, кое третпат се реализираше во земјава. Резултатите ќе бидат објавени дури следната година. Кои се вашите очекувања? Ќе успееме ли како држава да се искачиме на повисоко ниво, бидејќи досега резултатите од тестирањата беа загрижувачки. Меѓу 70 земји во светот, само 1 отсто од нашите ученици на 15-годишна возраст имаа одлични постигнувања. Земјава беше рангирана дури на 67. место по наука и читање и на 66. место по математика.
Преземавме голем број активности со цел да се увериме дека учениците и училиштата ќе го дадат својот максимум на тестирањето ПИСА, но сепак е нереално да очекуваме дека за многу краток период можеме да го промениме целиот образовен систем и резултатите што ги давал со години наназад. Тестирањето практично дава одговори на постигнувањата во основното образование, а резултатите од тестирањето ни укажаа на клучните слабости во нашиот образовен систем. Резултатите од тестирањата послужија во голема мера при создавањето на новите наставни планови и програми, па можам да кажам дека активно учиме од грешките во минатото.
Започна изградбата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а свој објект ќе добие и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. До кога ќе биде завршена изградбата на овие установи и колку ќе чини?
Договорите за изградба на овие факултети се склучени во минатото и со нив се предвидува цена од 1.217.581.265 денари, или 19.798.070 евра. За жал, од почетокот на градбата се забележува бавна реализација од страна на изведувачот. Во моментов, имаме добиено барање од изведувачот за продолжување на рокот на градба, кое е упатено до надзорот и очекуваме известување од надзорот дали барањето е оправдано.
Моето име секогаш е прво во „реконструираните“
Министерке Дескоска, ќе бидете ли опфатена со реконструкцијата на Владата? Во јавноста се шпекулира дека ќе останете на функцијата министер, меѓутоа во ресорот правда?
Штом се спомне реконструкцијата, моето име е прво што се врти во медиумите. Дел од јавноста дури и пред формирањето на Владата го спомнуваше моето име за ресорот правда. Без оглед на сите тие „муабети“, мојот тим во МОН работи посветено на реформите во образованието. Дали јас или некој друг ќе ги заврши реформите, е небитно. Битно е образованието да го изведеме на вистинскиот пат. Тоа е заложба не само моја, туку и на Владата.
Право на учениците е да изберат дали ќе учат во „Јахја Кемал“
Како ја коментирате изјавата на турската амбасадорка Турип Еркал Кара, која на граѓаните во земјава им порача да се борат против терористичката организација – посочувајќи ја приватната гимназија „Јахја Кемал“. Предложи децата да се запишуваат, да учат во фондацијата „Мариф“.
Сите училишта во Македонија што работат согласно законот имаат право на запишување ученици. За нас императив е почитувањето на внатрешните прописи во образовниот процес. Право на учениците и на нивните родители е да изберат училиште што работи согласно македонското законодавство.
Вероника Мароска-Леова