Расте загадувањето, а расте и увозот на крнтии


Податоците на Царинската управа покажуваат дека годинава до септември се увезени 21.069 половни автомобили, што е 5.286 стари возила повеќе отколку за девет месеци лани.

„Не се регистрирани сите увезени возила. Дел се користат само за делови, бидејќи во Македонија се возат голем број употребувани возила и почесто се расипуваат, па за нив се потребни многу делови. Втор момент е заострувањето на регулативата за дизел-мотори и за издувни гасови во ЕУ. Паѓа цената на автомобилите и на целиот Балкан има масовен увоз на употребувани возила“, посочуваат упатени во овој бизнис.

Еден од дилерите на употребувани возила е поконкретен. Вели, „ѓубрето од Бугарија влегува во Македонија, сите знаат, ама како никој да не презема ништо“.

„Кај нас не е зголемен бројот на увезени возила. Се зголемува бројот кај оние што носат канти од Бугарија. Ние увезуваме од Франција, работиме со понови автомобили. Забележуваме дека е намалена куповната моќ на луѓето. Ако претходно повеќемина барале да купат коли од 6-7.000 евра, сега барат од 4-5.000 евра. А и постегнати се отколку претходните години. Од Бугарија доаѓаат со исечени катализатори. Таму ги сечат и ги продаваат посебно, од 300 до 1.000 евра. Автомобилот е поевтин, ама после ќе треба да платите и за катализатор. Ви гарантирам дека ако се прегледуваат како што треба, повеќе од половина нема да поминат на регистрација. Тоа се возила што повеќе ги туркате отколку што ги возите, со три пати вратена километража. Еднаш ја вратил Италијанецот уште еднаш Бугаринот и во Паланка уште еднаш. Кај мене е сè на фактура, нема на црно, но има еден куп дилери што работат на црно. Не може да работат и на државно и коли да продаваат“, објаснија од „Нексткар“ додавајќи дека прва работа што треба да се преземе е на регистрација да има построга контрола.

Неодамна и европскиот комесар за индустрија Елизабета Бенковска изјави дека отстранувањето на дизел автомобилите од германските патишта само ги префрлува проблемите со квалитетот на воздухот од запад кон исток, зашто во Бугарија во 2017 година биле увезени повеќе од 100.000 користени автомобили од земјите на ЕУ, од кои повеќе од една третина дизел.

Министерството за животна средина препорача за да се намали загадувањето возилата да не се користат без поголема потреба. А двете најголеми партии, и по овој повод се напаѓаа кој придонесол, а кој одмогнал во (не)чистиот воздух.

ВМРО-ДПМНЕ и порача на владејачката СДСМ доколку навистина сака да го спречи загадувањето, наместо дискриминаторски мерки да го субвенционира со половина износ купувањето на електрични и хибридни возила, првите 3 години во поголемите градови, а потоа мерката да ја прошири и во останатите средини. СДСМ врати дека енормната загаденост е резултат на 11-годишното игнорирање на проблемот, дека ќе се набават нови еколошки автобуси, и дека со новиот закон за возила се предвидува субвенционирање на трошоците за набавка на хибридни и електрични возила, како и трошоците за вградување на погон на ТНГ во возилата, со цел да се намали загадувањето од сообраќајот.

Како врз квалитетот на воздухот ќе влијае најавеното намалување на казните поврзано со автомобилите, допрва ќе видиме. Според најавите, ќе се намали максималната глоба за нерегистрирани возила повеќе од 30 дена која ќе изнесува 250 евра наместо досегашната 500 евра, за технички неисправно возило глобата ќе биде 250 евра наместо досегашните 400.

Според актуелната регулатива, во Македонија е дозволен увоз на возила што го исполнуваат стандардот еуро 4, без разлика на погонското гориво и реалното ниво на емисија на штетни гасови.

Анита Салтировска