Раното откривање на болеста може да ви го спаси животот


Кога последен пат сте посетиле лекар за превентивно да ве прегледа? Кај доктор обично одиме кога нешто ќе не заболи, кога симптомите веќе се тука или ако болеста настапила. Тоа е многу погрешно, бидејќи повеќето болести можат да се спречат и да се излечат ако се откријат порано. Затоа превентивните прегледи треба да станат вообичаена рутина, особено во одредени години од животот.

После 40-тата, и жените и мажите треба подетално да се прегледаат.

 Задолжителни прегледи за жени

Мамографија барем еднаш годишно, секоја жена над 40 години мора темелно да ги прегледа градите. Мамографијата е брза и безболна постапка која открива евентуални промени во ткивото на дојките кои можат, но не мора да укажуваат на карцином.

Гинеколошки преглед – важен преглед на кој секоја жена мора да оди барем еднаш годишно. Се прави ехо и ПАП тест, се проверува евентуална абнормалност на слузницата, со што се овозможува рано откривање на рак на матка. Се препорачува и преглед на јајници, особено за оние жени кај кои кај некој член во семејството претходно е дијагностициран рак на јајници.

Мерење на густината на коските – се препорачува на секои три години. Главни кандидати за овој преглед се жените во менопауза и оние кои во семејството имаат случаи со остеопороза или повеќепати кршеле коски. Тестот за густина на коските одредува дали имате остеопороза и дали сте во опасност да заболите од оваа болест.

Задолжителни прегледи за мажи

Преглед на простатаовој преглед за повозрасни мажи е задолжителен и треба да се сфати сериозно. Мажите кои имаат проблем со мокрењето, мократ почесто или мокрењето им е отежнато или болно, секако треба да посетат лекар. Најчести заболувања на простата се хиперплазија на простата (BHP) и рак на простата. Одреден број мажи можат да добијат воспаление на простата.

Уролошки преглед – се препорачува кај мажи кои имаат проблем да постигнат ерекција или имаат проблем со прерана ејакулација.

Задолжителни прегледи за мажи и за жени

Преглед на срце, ехо и ЕКГ – се препорачува за сите жени и мажи кои ја поминаа 40-тата, а особено оние кои имаат семејна историја на срцеви заболувања. Овој преглед треба да се прави барем по еднаш секоја година доколку припаѓате на ризична група.

Крвна слика – вклучува мерење на шеќерот, мастите, холестеролот. Доколку во семејството имате заболен од дијабетес, крвна слика треба да правите и почесто од еднаш годишно.

Крвен притисок – Мерењето крвен притисок треба да стане редовна постапка. Се прави брзо и едноставно, дома, во ординација, па дури и во аптеки. За секоја осцилација во притисокот, особено ако вредностите се зголемени, треба да го известите матичниот доктор.

Телесна тежинатокму како притисокот, и мерењето на тежината треба да е редовна практика. Промените, без разлика дали станува збор за зголемување или намалување на тежината, можат да укажат на некои болести.

Рутински прегледи за мажите и жените над 40 години се и прегледи за рано откривање рак на дебело црево, на болести на жолчката и на градниот кош. Последното особено се однесува на пушачите, кои треба да направат и ренгентска снимка. По 40-тата, задолжителен треба да биде и прегледот на бенките, особено ако чешаат или крвават. Тоа може да биде знак за рак на кожата, односно за меланом.