Путин ги повика Вучиќ и Додик, ама не и Иванов


Меѓу петте илјади гости, кои в понеделник ќе присуствуваат во Москва на инаугурацијата на старо-новиот руски претседател Владимир Путин, ќе нема претставник од Македонија. Руската администрација не им испрати покана ниту на претседателот Ѓорѓе Иванов, ниту на премиерот Зоран Заев, ниту на кој било друг функционер од Владата.

Според искуствата од претходните инаугурации на Путин, вообичаено се повикуваат шефови на држави од поранешниот Советски Сојуз, но оваа година покана добија претседателите на Србија, Александар Вучиќ и на Република Српска, Милорад Додик, чии земји се доживуваат како филијали на руските интереси. Но, и тие поради лични причини нема да присуствуваат на понеделничката манифестација во Кремљ. Токму на тој датум Вучиќ одамна имал закажано посета во Турција и средба со претседателот Реџеп Таип Ердоган, па во Москва ќе оди на 8 и 9 мај кога ќе присуствува на парадата по повод победата над фашизмот, додека Додик ќе славел куќна слава (Ѓурѓовден), па морал да остане дома.

Од руската амбасада во Скопје се внимателни по прашањето зошто македонски политичари не се повикани на инаугурацијата на Путин, па велат дека немаат официјални информации дали, кој и зошто добил покана.

Освен тоа, правилата налагаат дека доколку и има покана, таа да оди преку дипломатските претставништва или амбасади во Русија на тие земји чии претставници се повикуваат“, ни изјавија од руската амбасада.

Односите меѓу владите во Скопје и во Москва се заладија пред еден месец кога Македонија одлучи да се солидаризира со Велика Британија и да протера руски дипломат по нападот со нервен гас врз шпионот Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка. Подоцна, нашите власти рекоа дека рускиот дипломат излегол од рамките на дејствување прифатливо за дипломат, што беше дочекано со скепса од руските колеги. Всушност, малку претходно, на македонскиот амбасадор во Москва му било посочено од страна на заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александер Грешко, дека плановите за влез на Македонија во НАТО може да имаат негативни последици за регионалната безбедност и билатералните односи. Претходно, пак, слична порака испрати и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој изјави дека проширувањето на НАТО со Македонија е грешка. Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, дообјаснуваше дека македонските граѓани нема да имаат никаква корист при влез во НАТО, а од друга страна, при евентуален напад на Алијансата врз Русија, нашата земја ќе стане легитимна цел на одмазда. За сиот период премиерот Заев изјавуваше дека Русија не смее да се лути што приоритет на Македонија се НАТО и ЕУ и дека со Москва имаме и би сакале и во иднина да имаме пријателски односи. Речиси истовремено, и од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да стигнуваат изјави дека Брисел и Вашингтон, а не Москва, се партнери на Македонија, што е видно свртување на кормилото во однос на десетгодишното владеење на Никола Груевски.Затоа, пак, претседателот Иванов рече дека одлуката на македонското МНР е избрзана и повика на воздржаност за да се спречи можното нанесување штета во остварување на стратегиските цели на Македонија.

Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји членки, сметам дека одлуката на македонското МНР е избрзана“, соопшти Иванов.

Само за време на својот втор мандат, Иванов дури трипати беше во официјална посета на Москва. Во 2014 година присуствуваше на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, при што му беше доделена титулата почесен професор на реномираниот универзитет „Ломоносов“. Во 2015 година присуствуваше на 70-годишнината од победата над фашизмот, а лани престојуваше во работна посета за време на одбележувањето на празникот Свети Кирил и Методиј. Од тие причини, во политичките кругови во земјава можеше да се слушне оти Иванов ќе добие лична покана од Путин да му биде гостин на отпочнувањето на четвртиот мандат како претседател на Русија. Од кабинетот на Водно не добивме коментар.

На крајот, минатиот месец претставници на партијата Единствена Македонија, предводени од претседателот Јанко Бачев, беа во посета на Москва. Тие се залагаат за сојузништво со Русија, а се против интеграција на земјава во евроатлантските клубови. Нивната сила сѐ уште е минорна поради што не добиваат сериозен третман ниту во Скопје ниту во Москва.

Горан Адамовски