Промоција на книга на театарскиот критичар Иван Додовски: Критиката ни треба како воздух
Во време кога речиси и да нема вистинска и аналитична театарска критика, во Битола деновиве театарскиот критичар Иван Додовски ја промовираше својата книга „Мало фолио за театар“ во која се објавени театарски критики и театролошки студии, кои авторот ги пишувал во изминатите 25 години
– Театарската критика е непосакувана, живееме во општество кое го анатемиса критичкиот дискурс и, за жал, тоа отсуство на дијалог и критичко размислување, создава ситуација во која не можеме креативно да размислуваме и да наоѓаме решение како заедница. Се надевам дека оваа книга ќе биде потсетување дека критиката ни е неопходна како воздух – рече Додовски на промоцијата.
Додовски вели дека има обиди за создавање на добри театарски претстави, но тоа се малку, а одговорноста е на раководствата и ансамблите на театрите.
– За жал, таму каде што нема критичко промислување лесно може да се случи стагнација, ова не е општа критика дека нема никакви вредности, но жално е што токму тие вредни работи што се создаваат не можат да бидат потенцирани, издвоени и запаметени како традиција за иднината. Мислам дека крајно време е да сфатиме дека вложувањето во културата, критичкото размислување за културата е основен услов за да создаваме вредност, да го издвоиме доброто од помалку доброто. Не може да важи онаа максима дека наводно публиката не сака сериозна драма или значајни ангажирани театарски форми. Напротив, во прашање е потребата да се негува таквиот вкус и публиката секогаш ги прифаќа вистинските вредности на сцената. Дури кога е некоја најпровокативна, жестока и сериозна драмска форма во прашање, публиката знае тоа да го препознае. На сцената сè е соголено и вистината одекнува најсилно – вели Додовски.
Медиумите се малку заинтересирани за културата и театарот, кои се поставени на работ на општествениот интерес, смета режисерот Владимир Милчин, еден од промоторите на книгата „Мало фолио за театар“
– Не пред многу години, театарската критика имаше огромно влијание и врз театарот но и врз публиката, затоа што театарската критика го фокусираше вниманието на јавноста на она што се случува во театарот, а денес веќе не е така. Тоа укажува дека се разниша или се промени приоритетот на интересот на медиумите. Ние до таа мера сме опседнати со политиката, што не само театарот туку и културата ни е отидена настрана, на периферија, на работ на општествениот интерес заборавајќи при тоа, доколку нема силна култура, ако немаме театар, ако немаме општествено внимание на она што се случува во театарот, ние имаме политика која е далеку полоша од онаа што би можела да биде. Затоа таа критика ние потребна и затоа оваа книга е исклучително важна – рече Милчин.
„Мало фолио за театар“ од Иван Додовски содржи предговор, четири поглавја, прегледна театрографија и биографија на авторот, како и исцрпен индекс на имиња. Четирите поглавја се однесуваат на театарските критики, студии и осврти, записи од фестивали и интервјуа, кои авторот ги пишувал од 1993 година до денес. Собраните текстови, од кои некои првпат се објавуваат во оваа книга, се однесуваат на значајни личности, појави и процеси во областа на драмата и театарот во независна Македонија, а во голем дел се однесуваат на развојот на театарот во Битола. Со оваа научна публикација се одбележува неговиот значаен јубилеј – 25 години театролошка работа и со неа Иван Додовски на вистински начин го афирмира и му се оддолжува на својот роден град Битола.
Емилија Мисирлиевски