Прогресивен данок за подобрување на социјалната клима
Со воведување прогресивното или фер оданочување ќе се подобрат сите социјалните аспекти во државата, оцени премиерот Зоран Заев, на денешниот брифинг со новинарите
– Ако успееме до крајот на септември оваа година, ќе бидеме подготвени од 1 јануари следната година да ја зголемиме социјалната помош од просечни 4.200 денари на 11.500 денари. Тоа е три пати повеќе и ќе значи многу за најсиромашните и најранливите категории граѓани. Но, тие мора да прифатат работа кога ќе им понуди државата. Не може да се водат на 12 илјади денари, а да одбиваат работа. Активните баратели мора да прифатат работа, истакна Заев.
На таков начин, според Заев, се создаваат услови за воведување државна социјална пензија.
-Во државата имаме повеќе од 15 илјади кои навршиле 65 години, а немаат 15 години стаж и немаат пензија. Не може државата да не се запраша од што живеат тие луѓе. Државата мора да води грижа за нив, затоа што работеле 14 години, давале свој придонес или најголем број се земјоделци кои плаќале даноции, сметки..,рече Заев.
Тој им порача на административците да работат за да има покачување и на нивните плати.
– Ако не работи администрацијата, ќе нема покачување на БДП, ќе нема нови работни места…, рече Заев.
Според него, враќањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе придонесе за подобрување на климата за инвестирање.
– Враќањето на опозицијата во Собранието ќе придонесе за нови инвестиции. Ние досега потпишавме договори за инвестирање со 10 странски компании, без еден денар потрошени за промоција во медиуми и за роуд шоа. Со 200 компании сме во преговори. ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие ни ги донеле инвестиции. Да, точно е, дел од нив можеби биле во преговори со претходната влада. Преговарале со владата, ги снемало, па сега повторно се враќаат. Нека биде тоа заеднички успех во Македонија за сите, рече Заев.