Приштина го осуди нападот врз косовскиот автобус во Србија


Косовското Министерство за надворешни работи го осуди синоќешното каменување на автобусот од Косово во градот Крушевац во Србија и побара од надлежните српски служби да преземат мерки за откривање и казнување на сторителите.

Министертсвото изрази вознемиреност поради, како што вели, „зачестените случаи на систематски бирократски пречки и груби физички напади врз превозните средства од Република Косово и нејзините државјани, кои ја користат територијата на српската држава за транзит во други држави во Европа“.

– МНР на Република Косово смета дека таквите дејствија, со кои се малтретираат патниците, било да се тие во Србија или во Косово, треба најостро да се осудат. Попречувањето на возилата и нивното каменување го загрозува животот на патниците. Очекуваме органите на редот, во овој случај оние во Србија, да преземат законски мерки против авторите на овој деликт. Граѓаните на Република Косово, како и оние на Србија, треба да се движат слободно, без страв, каде и да се, се вели во изјавата на Министерството.

Косовското Министерство бара и од претставниците на Европската унија, како посредници во дијалогот меѓу Косово и Србија, да побараат од Белград почитување на „основниот принцип врз кој е втемелена и самата ЕУ“ – слободата на движење.

– Слободата на движење е основен принцип на ЕУ и декларативна институционална заложба од страна на претставниците на соседната држава за нормализација на односите меѓу двете независни и суверени држави, се вели во  реакцијата на косовското Министертсво.

Автобус од Косово, кој сообраќа на релацијата Приштина-Виена, синоќа, околу 22:20 бил каменуван во српскиот град Крушевац, при што му е распукана шофершајбната и е предизвикана вознемиреност кај патниците. Српската полиција стасала на местото на настанот 15-20 минути подоцна и по извршениот увид, оштетениот автобусот се вратил во Косово, а патниците го продолжиле патувањето со друг автобус.