Чувари на традицијата: Прилепските прочкари Горан и Коста мајстори за маскирање


Двајцата се познати мајстори на групните маски во Прилеп. Откако пред 17 години почна меѓународниот прилепски карневал „Прочка“ тие се неизбежни креатори на успешните и, пред се, оригинални групни маски.

Горан Ржаникоски и Коста Петрески, двајцата „ортаци“ во маскирањето, или по прилепски „преправањето“, ги затекнавме работно во подрумските простории. И по нивното „официјално“ речиси 12-часовно работното време, полни со елан, тие се надвиснати над бројните алати и реквизити. Забрзано ги привршуваат подготовките на најновата, годинешна, групна маска за прилепскиот карневал „Прочка“. Да раскажат нова приказна, да се помајтапат, да се шегуваат и да ги критикуваат политичарите, состојбите, но и да ја нагласат традицијата. Горан и Коста се неуморните прилепски прочкари.

Прочка -Прилеп

Приказната за маските, преправањето почнува меѓу паузите во работењето. Но, на прво место се: страста, љубовта кон маскирањето, почеоците.

– Во Прилеп преовладува „курназлакот (мајтапот). И, ако за Прочка не си маскиран и не излезеш да се прошеташ на плоштад – „тешко тебе“. Цело друштво уште на 14-15 години се „преправавме“. Се натпреварувавме кој да биде пострашен, шетавме од куќа на куќа и…. уживавме. И во изготвувањето на маските (а ги работевме од сѐ што ќе најдеме дома, па и фустани, градници, необични облеки) па до нивното претставување, ја почнува приказната за маските 10 години помладиот Горан. И веднаш, да нема забуна, вели:

-Кога ќе ставиш маска, чувството е поинакво. Страста е голема. Зад маската, забораваш на секојдневието, на проблемите, се исклучуваш и стануваш нешто друго. Ова е голема љубов кон карневалот, кон маскирањето, дружењето, смеата, а и убаво е кога знаеш дека пораката што ја испраќа маската допрела до другите.

Прочкари

На карневалот, Ржаникоски учествува од почетокот, во 2002. Традицијата во Прилеп за маскирање (преправање) е вековна, ама организирано карневалот е по 17-ти пат.

– Се сеќавам на првиот пат во 2002 година кога буквално, не знаевме дека организирано ќе се одржува и ќе има избор на најдобри маски. Бидејќи тогаш беа актуелни настаните од 2001, решивме да направиме транспортно возило, односно, „Специјална единица прочкари“. Вистинско оклопно возило – напред полициски мотор. Не запреа и ни рекоа: Ќе има избор на маски, дојдете, пријавете се. Се пријавивме и – освоивме прво место! Тоа ни даде поттик да правиме масовни маски, да ги отсликуваме настаните, состојбите, но и традициите на овие простори. Во 2003 година го имавме ликот на Дилавер Бојку, со кафеаните, танчарките. И, пак, освоивме прво место. Потоа, се вративме кон традиционалните маски. Ги содадовме „Прилепските мајмуни“. Маските комплетно сами ги изработивме. Како и сите до ден-денес. Па, следуваа групните маски: „Мајмун на дрво“, „Во Прилеп мајмун не игра“… Таа маска ја направивме за меѓународниот карневал во Перник, Бугарија. Тогаш прв пат учествувавме на меѓународен карневал. Запознавме маски од цел свет. И секаде каде учествувавме со маската – сите беа воодушевени. А ги имаме и другите групни маски „Тутунски бизнис“ – со шеикот кој дојде со куфери пари да го плати тутунот (кога не се плаќаше), потоа „Прилепски жетвари“, „Садење на тутунот“, „Прилепски свадбари“ за што добивме и Гран при награда, па „Крали Марко“, „Астерикс и Обеликс“, се потсетува Горан на карневалските години.

Астерикс и Обелиск-прочкари

Приказната за маските ја дополнува „ортакот“ Коста Петрески.

-Заедно сме 10 години. Не спои љубовта кон маските, дружењето, страста да креираме. Решивме да ги споиме неговото и моето познавање на традицијата, културата, на страста, љубовта кон „преправањето“. Нашите маски се групни. По 30 до 40 учесници. Седнуваме, ги рагледуваме идеите, се усогласуваме. Кој каква улога ќе има. Ги одредуваме реквизитите- дали се стари, традиционални, или модерни. И – работиме, спојуваме, заваруваме, шиеме. Комплетно се. Дури и текст и музика имаме. Како цела претстава. Голема работа, уште поголемо задоволство. Во маската има се: шега, хумор, иронија, сатира. На „Прочка“ сме целосно опуштени, задоволни, вели Коста.

Штом заврши еден карневал, веднаш почнуваат со подготовките за наредниот. Најинтензивно е последните четири месеци.

-Сами, речиси сѐ финансираме. Секоја година одвојуваме во просек околу 25.000 денари. И не ни е проблем. Ботно е големото задоволство. И секогаш така ќе биде. Да оставиме нешто зад нас. Да има реквизити за поколенијата. Ако имаат желба, љубов, на располагање им е сѐ. Маските некогаш, го одразуваат времето кое го жовееме, другпат она време што поминало, традицијата, а можеби, некогаш, и иднината, објаснува Коста.

 

Горан е категоричен – ништо не смее да ги спречи да бидат дел од карневалското маскирање. Ниту скршена нога.

-Ништо не може да не спречи да бидеме дел од карневалот. Иако една година ја скршив ногата. Што да се прави? Тогаш ја направивме „Прилепската соба“. На приколка, јас пречекувам гости покрај шпоретот, ги пречекувам младите да побараат прошка од постарите. Собата – автентично претставена. И пак бевме задоволни, вели Горан Ржаникоски.

Мајмуни - прочкјари

Горан и Коста, мајсторите за групни маски ги поминале речиси сите балкански карневали, размениле искуства, научиле ново.

-Учествуваме на повеќе карневали во Македонија, надвор од државава. Се дружиме, запознаваме многу луѓе, стекнуваме пријатели, разменуваме искуства, ги запознаваме културата и обичаите од карневал на карневал. Посебноста на прилепскиот карневал е – мајтапот, по итроштината на изработката на маските. Сме биле во Корча, Албанија, на повеќе карневали во Србија, во Бугарија. И сите се целосно предадени во изработката на чудесните маски. Имаме цел подрум рекизити, маски, за цел музеј, објаснува Горан.

Горан и Коста се таинствени за новата, годинашна групна маска што ќе ја претстават в недела, на големото дефиле на маските на прилепскиот карневал „Прочка“. Тогаш ќе дефилираат околу 1.000 учесници од земјава и од странство.

– Маската е тајна. Ништо нема да откриеме. А какво би било изненадувањето ако не е така, низ смеа велат познатите „Прилепски прочкари“. Свечено, речиси со ветување додаваат и порачуваат:

-Додека можеме ќе работиме. Имаме идеи, реквизити. И љубов, страст, шега и енергија. Да создадеме оригинална маска. Од срце сакаме да се зачува празникот, да се одржуваат традициите, да остане маскирањето „преправањето“. За еден ден, барем, да заборавиме на сѐ. И да си простуваме. Таков е денот.