Пратениците порачаа: Референдумот е најмоќната алатка на демократијата


Референдумот е највозвишена вредност, највисок и најмоќен облик на непосредна демократија што го имаат граѓаните. Затоа на 30 септември масовно да излезат на гласање и да го кажат својот став во кој правец сакаат да се движи Македонија, порачаа денес пратениците Ивана Туфегџиќ, Бојан Петрески и Џевад Адеми од коалицијата ЗА европска Македонија, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата – 15 Септември.

– Имаме историска шанса на 30 септември секој од нас да издвои по 30 минути и да направи Македонија да стане 30-та членка на големата и најмоќната одбранбена Алијанса-НАТО, рече пратеникот Џевад Адеми од ДУИ.

Тој додаде дека на референдумот граѓаните без оглед на нивната национална, партиска, религиозна припадност имаат шанса да станат дел од историјата.

– Македонија никогаш не била поблиску до остварувањето на идеалите на многу генерации пред нас. Нам ни падна историската шанса да бидеме дел од остварувањето на овој идеал, рече Адеми.

Неговата колешка Туфегџиќ вели дека референдумот е највисокиот и најмоќниот облик на непосредна демократија кој го има граѓанинот и оти тоа е моментот кога тој како суверен одлучува.

– Одлуката донесена на референдум и гласот искажан на референдум се конечни. Овојпат нашата одлука е во кој правец ќе оди Република Македонија – во правец на просперитетната сегашност и иднина или по патот на изолацијата, рече пратеничката.

Таа смета одлуката за иднината на Македонија не е само за нас самите, туку и за генерациите по нас.

– Носиме одлука за оние кои денес немаат право на глас, но токму тие ќе ценат и пред нив ќе полагаме сметка за нашиот избор денес. Затоа да ја избереме иднината во која младите луѓе ќе бидат еднакви со нивните врсници од ЕУ. Имаме должност да оставиме држава која ќе нуди сегашност и иднина и со тоа со одлука донесена на референдум. Таквата шанса немаме право да ја прокоцкаме, никој друг нема да го избере нашиот пат освен ние самите, рече Туфегџиќ

Пратеникот Бојан Петрески истакна дека како младина сме исправени пред историски предизвик, бидејќи, како што рече, Македонија е на крстопат.

– Го сфаќам референдумот како дилема дали ќе си обезбедиме иднина за нашата генерација во друштво на најголемите европски и светски демократии или ќе останеме сами и изолирани.

Ги повика младите да излезат да гласаат и да не ја направат грешката што ја направиле младите во Велика Британија кога оставиле одлуката за брегзитот да ја донесат други наместо нив.

Таму младите, рече, ја направија таа грешка, не излегоа масовно за брегзит, други одлучија за нив. Сега кога сфатија дека повозрасните донесоа погрешна одлука е доцна.