По 10 години, со 10 милиони денари: Државата ќе го уредува гробот на Тоше во Крушево
Државата по 10 години од смртта на мегаѕвездата ќе го уредува гробот на Тоше Проески на Гумење во родното Крушево. Во делот на капиталните проекти планирани во буџетот на Министерството за култура за 2018 година, кој завчера беше претставен на прес-конференција во Владата на РМ, обезбедени се 10 милиони денари за изградба на спомен-обележје на Проески. Претходно, повеќе граѓански здруженија и фанови реагираа за состојбата во која се наоѓа гробот на трагично починатата ѕвезда.
Никогаш непрежалениот Тоше, сè уште почива во импровизирана гробница на Гумење во Крушево. Тука со години не е ништо сменето, само се крпат и прекриваат недостатоците. Импровизираната гробница на Тоше е покриена со тепих од вештачка трева во кој е забоден дрвениот крст со неговото име, датум на раѓање и смртта. Гробницата е поплочена со бекатон-плочи, кои пропаѓаат и тонат, а импровизираната метална конструкција е покриена и заградена со пластика и најлони.
Ваква слика на гробот на македонската ѕвезда затекнуваат сите посетители што доаѓаат да му оддадат почит, а со вештачката трева и кадифени срца се крпат недостатоците, иако целото место е во распаѓање. Луѓето што се задолжени за гробот и кои го обезбедуваат од 2007 година откриле дека само се маскираат недостатоците, а всушност гробното место целосно тонело. Паѓале страничните бекатон-плочи и попуштала покривната конструкција.
Поп-ѕвездата загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај местото Градишка, во Хрватска. Сообраќајната несреќа се случи во 6 часот изутрина кога Тоше заедно со тогашната менаџерка Лилјана Петровиќ и неговиот возач патуваа кон Загреб каде што поп-ѕвездата требаше да гостува во шоуто на Зухра.
На десетгодишнината од последниот концерт на Тоше Проески, пред месец и половина, на традиционалниот настан „Ѕвездено небо“ на плоштадот Македонија во Скопје беше објавена нова негова песна на англиски јазик. Песната се вика „Light the flame“ и е авторско дело на англискиот продуцент Енди Рајт. Песната е најава за нов англиски албум на Тоше. (Л.С.)