По пауза од 20 години: Џорџ Клуни се враќа со нова ТВ-серија


Американскиот актер и режисер Џорџ Клуни (56) се враќа на малите екрани со новата ТВ-серија „Catch -22“, според романот на Џозеф Хелер. Клуни се појавува како продуцент, режисер, но ќе игра и една од улогите во оваа комична воена драма. Тој се враќа на малите екрани токму по пауза од 20 години откако играше во хит-серијата „Итна служба“.

Серијата ќе има само шест епизоди, пишува Холивуд репортер повикувајќи се на Ејми Пауел, управничка на „Парамаунт телевижн“, а на овој проект се во копродукција и со „Анонимус контент“.
Според американските медиуми, двојниот оскаровец од секоја одиграна епизода ќе заработува по еден милион долари.

Сатиричниот воен роман на Хелер првпат е објавен во 1961 година, а дејството е сместено во Втората светска војна. Првата филмска верзија на овој роман е реализирана во 1970 година од Мајк Николс.