Почнува судењето за малата Тамара


По повеќе од три години од смртта на малата Тамара, која почина чекајќи државата да ѝ одобри лекување во странство, денеска треба да почне судскиот процес во кој се обвинети 12 лица, но не и тогашниот министер за здравство Никола Тодоров.

Обвинение е поднесено против Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемаили Мехази, како директори на Фондот за здравствено осигурување, Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец-Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малата Тамара и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова, како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение.
Тие се товарат за несовесно работење во службата, а обвинителството работело по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и законскиот застапник на Тамара.

Обвинителството констатирало дека и првостепената и второстепената комисија, како основа за нивната одлука да не го пратат девојчето да се лекува во странство ја зеле предвид изјавата на тогашниот министер дека пациентите со деформитет на ‘рбетот нема да одат во странство поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сѐ уште не постоеле услови во Македонија за извршување на вакви операции.

Одлуката на првостепената комисија при ФЗОМ е донесена надвор од законскиот рок за итно постапување, без присуство на доктор ортопед и трауматолог, како доктори во чија специјалност припаѓа заболувањето на малата Тамара, иако претседателот и заменик-претседателот задолжително требало да изберат состав на доктори – членови на комисијата во чија надлежност спаѓа нејзиното заболување.
Кога Обвинителството поднесе обвинение за овој случај, Хелсиншкиот комитет реагираше на одлуката дека тогашниот министер не направил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Според Хелсиншкиот комитет, Тодоров ги пречекорил законските овластувања преку давањето неточна информација до јавноста за отворање центар кој ќе врши операции на пациенти.
Случајот со малата Тамара ја потресе македонската јавност и по нејзината смрт следуваа протести, по што тогашните директори на ФЗОПМ си поднесоа оставки. Тамара, која имаше тежок деформитет на ‘рбетниот столб, не дочека државата да ѝ одобри лекување во странство.

(Ф.Ф.С.)