Почна набавката на инсулин за 2018-2020, дотогаш има доволно количини


Министерството за здравство соопшти дека денеска е почната постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот септември 2018 – септември 2020 година.
Оттаму истакнуваат дека постапката и процедурите се соодветно испланирани, согласно бројот и потребите на пациентите и граѓаните и оти пред да биде распишана јавната набавка контактирани се граѓанските здруженија кои дале свои мислења.
– Согласно побарувањата во тендерската документација, првпат по шест години во Република Македонија се очекуваат нови лекови за дијабетес, како што се инсулини и ампуларна терапија. Во целиот процес беше вклучена и Националната комисија за дијабетес, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека до завршување на постапката за јавна набавка ќе има доволни количини инсулин во сите инсулински аптеки.
Заинтересираните економски оператори треба да внимаваат во подготовката на тендерската документација, посебно во делот на поднесување сертификати за квалитет на готов лек и одобрение за ставање лек во промет кои се наведени во техничките спецификации од тендерската документација.