Почина Ѓоре Ценев, предавач и менаџер на Планетариумот при МКЦ
Младинскиот културен центар вечерва соопшти дека ненадејно починал долгогодишниот предавач и менаџер на Планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје Ѓоре Ценев.
Ценев дипломирал Физика, насока инженерство на Институтот по физика при Природно математичкиот факултет во Скопје 1979-та година. Во 1980-та година се вработува како менаџер и предавач во Планетариумот во Скопје, единствената установа од таков вид во нашата држава, каде што секоја година поминуваат генерации и генерации на ученици од основните и средните училишта.
Со истражувачка дејност започнува во 1982-ра година, на полето на културна астрономија (етно-астрономија, архео-астрономија). Во соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, ги започнува истражувањата на полето етно-астрономија во Република Македонија. Овие истражувања во континуитет траат 22 години и при тоа се собрани информации од над 140 села. Како резултат на овие истражувања ја издава книгата „Небото над Македонија“ во 2004-та година. Исто така резултатите од овие истражувања беа неформално презентирани на 7-мата конференција на Комитетот на нематеријални културни добра при УНЕСКО во Париз во 2012-та година. Во тек е и процедурата за впишување на ова нематеријално културно добро во локалниот регистер на нематеријално културно наследство на Република Македонија.
Почнувајки од 2002-ра година работи на полето на архео-астрономијата каде што во соработка со Археолошкиот музеј од Куманово учествува во архео-астрономската анализа на археолошкиот локалитет „Кокино“ при што докажа постоење на древна астрономска опсерваторија. Истражувањата беа презентирани на повеќе научни конференции во светот и денес „Кокино“ е една од најпознатите древни опсерватории во светот. Во 2006-та година тоа го потврди и НАСА, набројувајќи го локалитетот „Кокино“ во листата на древни опсерватории во светот.