Познат моден салон, нова локација: Кокев ги собра најубавите жени


Куклите со креации од најновата колекција на свечени тоалети ги пречекуваа гала гостите, а куклите од македонскиот џет-сет го разгледуваа новото модно ателје на дизајнерката Тања Кокев, синоќа во центарот на Скопје.

Кокев, на мал приватен коктел, со својата енергичност и визија, пак ги собра кај себе најубавите дами од сите сфери на живеење и понекој господин, кои со пијалак уживаа во модните парчиња и во муабетите кој, како, зашто и каде. И дојдоа дизајнерки, бизнисменки, пи-ар експертки, докторки, манекенки, писатели.. Најмногу внимание предизвика доаѓањето на обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи кои ги носи креациите на Кокев во приватниот и во јавниот живот. Таа синоќа беше во креација на „Армани“ купена во САД. И да, многу е згодна и пријатна во живо.

Во новата, свечена колекција на Тања преовладуваат рачно везени бисери и цветни детали. Силуетите, како и секогаш се женствени.

Кокев веќе 12 години е препознатлива по свечените тоалети и венчаници. Прва е меѓу македонските креатори што лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице. Промовираше ремени и чевли, со потпис на брендот, како и чанти и џемпери, луксузна секојдневна облека и машка облека. Со свои креации, присутна е и на црвениот килим ширум Европа.

Л. Сабит