Пожарот во Правда не е несреќа, штетата 100.000 евра


Човечки фактор е причина за избувнувањето на пожарот во Министерството за правда. Причинетата штета се проценува на 100.000 евра. Изгореа и важни документи за работата на Министерството.

Ова се првичните сознанија од истрагата што „Независен весник“ ги доби од високи извори од Министерството за правда. Во Основното јавно обвинителство, кое е задолжено за истрагата, вчера не беа во можност да ни кажат нешто повеќе, имајќи предвид дека е викенд, а од полицијата ни рекоа оти по извршениот увид сите потребни докази ги предале до обвинителството.

Според нашите сознанија, пожарот на четвртиот кат од зградата на Министерството избувнал по вертикална линија заедно со канцелариите на министерот Билен Саљији и на заменикот Оливер Ристовски.

Заменикот е на третиот кат, а министерот, кој, иако е во оставка, сѐ уште ја извршува функцијата, е на петтиот кат. Пожарот избувна околу 16.40 часот, значи по истекот на работното време, но и Саљији и Ристовски беа на своите работни места, па веднаш беа евакуирани“, велат вработени во Министерството.

Иако на почетокот постоеле сомневања дека пожарот пламнал поради дотраена електрична инсталација, сепак, првичните сознанија покажале оти станува збор за човечки фактор. Засега нема докази дека огнот бил подметнат.

Не е тајна дека во канцелариите се пушат цигари, но мала е веројатноста догорче да успеало да предизвика толкав пожар. Постојат секакви сомневања, но додека истражните органи не утврдат со сигурност што се случило, несериозно би било да шпекулираме“, коментираат нашите извори.

Првичната штета се проценува на 100.000 евра. Изгореа четири канцеларии на четвртиот кат. Таму се наоѓаат документите за меѓународна правна помош, Одделението за меѓународна правна помош, дел од сметководството и дел од финансискиот сектор на Министерството за правда. Во архивата на Секторот за меѓународна правна помош биле сместени и комплетната документација и преписките со Грција за екстрадицијата на бегалците и поранешни тајни агенти Горан Грујевски и Никола Бошковски, обвинети од СЈО за прислушување и уништување опрема во УБК.

За среќа, и да се уништени пишаните документи, тие дополнително се чуваат во електронска форма во компјутерскиот систем на Министерството“, изјавија надлежните веднаш по инцидентот.

Пламените јазици го зафатија објектот во центарот на Скопје на 10 април околу 16.40 часот. Брзата реакција на пожарникарите спречи несреќата да добие поголеми размери. Вкупно 25 пожарникари со 11 возила го гаснеа огнот, кој набргу беше ставен под контрола и покрај комплексноста на објектот. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека најзначајната реформа што власта ја направи во делот на судството е пожарот во Министерството за правда.

Кон крајот на март министерот Саљији поднесе оставка, но не поради лошото и бледо раководење со Министерството, туку поради случајот со малиот Алмир Алиу од Куманово, односно, како што рече, катастрофалната одлука за преквалификација на делото од убиство во сообраќајка со смртни последици.

Четириесетина дена подоцна, неговата оставка и натаму не е констатирана во Собранието, иако процедурите налагаа тоа да биде сторено на првата наредна седница закажана по дадената оставка.

Горан Адамовски