Побрза постапка за надомест на штета за сообраќајка во Германија


Македонските возачи во Германија во случај на сообраќајна несреќа ќе можат да направат побрз и поефикасен надомест на штета, со Спогодбата за заштита на посетители потпишана од помеѓу националното биро за осигурување на Република Македонија и Германското биро за зелена карта.

Спогодбата, која важи и за германските возачи при евентуална несреќа во Македонија, стапи на сила на 1-ви овој месец. Спогодбата ја потпиша генералниот директор на Националното биро за осигурување на Република Македонија Трајче Латиновски и директорката на Германското биро за зелена карта, Сандра Шварц.

Со Спогодбата е предвидено оштетеното лице, кое претрпело штета на територијата на другата држава, по враќање во матичната држава, да се обрати во своето национално биро за осигурување, кое во соработка со бирото на државата во која се случила незгодата, ќе овозможи побрзо собирање на документи и информации потребни за остварување на правата за надомест на штета.

Конкретно, Бирото за зелена карта од државата од која е оштетеното лице, ќе достави до Бирото на државата на настанување на незгодата, барање да се изврши идентификација на осигурителното друштво на причинителот на штета, идентификација на возачот или сопственикот на возилото на причинителот на штета, доколку во период од шест недели не било можно да се утврди осигурувачот, да се обезбедат документи што се неопходни или помагаат во остварување на правото на надомест на пример полициски записник и да се достават детаљи за Гарантниот фонд на земјата каде што се случила незгодата со, секогаш кога е тоа можно, објаснувања и корисни информации.

Од Националното биро за осигурување наведуваат дека Спогодбата за заштита на посетители е така креирана да им пружи на државите надвор од ЕУ, можност да обезбедат дополнителна заштита и помош на своите граѓани кои со моторни возила патуваат на територија на други држави.

Спогодбата се потпира на најдобрите одредби од четвртата и петтата Директива за моторни возила на ЕУ, кои се впрочем познати по тоа што се, во најголема мера, посветени на заштита на трети оштетени лица. Се смета дека овој механизам е најблизок модел кој постои за државите на ЕУ и дека потпишувањето на овој документ е добар начин државите што се надвор од ЕУ да се подготват за пристап кон Унијата, во делот на прекуграничниот сообраќај на моторни возила.

– Потпишаната Спогодба претставува големо олеснување за возачите од двете држави, бидејќи веќе нема да мораат да ги нарушуваат или одлагаат своите деловни или туристички планови, за да ја наплатат штетата. Во иднина, тие ќе можат правото на надомест да го остварат и по враќањето во матичната држава, со помош и асистенција на националните бироа. Покрај тоа што претставува исчекор во заштитата на граѓани, осигурителните друштва и возачите, Спогодбата дополнително ќе ја унапреди и соработката помеѓу двете држави, преку унапредување на транзитот, туризмот и прометот помеѓу Република Македонија и Република Германија, изјави генералниот директор на Националното биро за осигурување Трајче Латиновски.

Вакви спогодби Националното биро за осигурување на Република Македонија има потпишано и со националните бироа на Грција, Турција, Швајцарија, БиХ, Црна Гора, Луксембург, Србија, Хрватска, Бугарија , Словенија и Албанија.