Писателката Румена Бужаровска одржа предавање во Будимпешта


Македонската писателка Румена Бужаровска од 10 до 14 април гостуваше во Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

За време на нејзиното гостување одржа предавање на тема: Што има ново во македонската книжевност, пред студентите и професорите на Институтот по славистика и балтичка филологија.
Во рамките на Будимпештански средби, заеднички настан организиран од Мариела Марковиќ, лектор по хрватски јазик и Златко Панзов, лектор по македонски јазик, беа промовирани книгите „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и „Наша жена“ од хрватската писателка Тања Мравак.

Се разговараше за тенденциите во современата македонска и хрватска книжевност, активизмот, феминизмот и други теми актуелни во двете држави.

Гостувањето на Румена Бужаровска е дел од планираните настани и активности за промоција на македонскиот јазик, литература и култура во Унгарија, организирани и планирани од лекторот по македонски јазик, Златко Панзов.

Гостувањето на Румена Бужаровска беше поддржано од Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта.