Пацоли: Белград лаже, Либерија не го повлекла признавањето на Косово


Министерот за надворешни работи и потпретседател на Владата на Косово, Беџет Пацоли информира дека попладнево разговарал со Владата на Либерија, која ја демантирала информацијата објавена од шефот на срската дипломатија Ивица Дачиќ дека таа земја го повлекла признавањето на независноста на Косово.

– Штотуку зборував со Владата на Либерија и ми потврдија дека Либерија го нема повлечено признавањето на Косово. Ние ќе се спротивставиме на ваквите дејствија, објави Пацоли.

Тој додаде дека Дачиќ продолжил со кампањата со невистини за повлекувањата на признавањата на косовската независност од страна, пред се, на држави од африканскиот континент.

Српските медиуми денеска објавија дека шефот на српската дипломатија Дачиќ информирал оти поседува нота со која Либерија го повлекува признавањето на независноста на Косово „до завршувањето на дијалогот и постигнувањето договор меѓу Приштина и Белград“.

Наводно, според Дачиќ, таква нота му предал неговиот нигериски колега Гбезонгар Милтон Финдлеј во која се наведува  дека Либерија го признала Косово „врз основа на сознанија дека Белград не е подготвен да преговара за решение со Косово“.

Шефот на косовската дипломатија рече дека веста објавена од српските медиуми е лажна и е дел од кампањата против Косово на српската Влада и министерот Дачиќ, за која, според Пацоли, „Белград залудно троши големи пари“.