Париз: Отворена првата дигитална изложба за славниот сликар Ван Гог
Франција – Животот и делото на Винсент ван Гог се во фокусот на неверојатното искуство што на посетителите им го овозможува „Ателие де Лимиер“, првиот музеј на дигитална уметност во Париз.
Стотици дела на холандскиот уметник се трансформирани со користење технологија и современа музика и се проектирани на ѕидовите на некогашна леарница. Посетителите талкаат 35 минути низ просториите, опкружени со добропознатите слики. Изложбата ќе биде отворена до 31 декември.
Парискиот музеј беше отворен во април минатата година и првата изложба привлече повеќе од 1,2 милион посетители.
„Боите и мотивите на Ван Гог се совршени за едно вакво искуство. Неговите дела ја трансформираа историјата на уметноста, и дигиталната технологија е можеби најдобриот начин да се разбере неговиот свет“, вели директорот на музејот, Бруно Моние.