ОЈО Скопје изврши увид на местото на сообраќајката во Ново Лисиче


Дежурен јавен обвинител синоќа изврши увид на местото на тешката сообраќајна незгода на булеварот „Србија” во Скопје, во која беа повредени три лица. Несреќата се случила кога на тројцата пешаци – возрасни маж и жена и нивната тригодишна внука налетало товарно моторно возило „Пежо Партнер” со велешки регистерски ознаки.

Поради сериозноста на повредите, жената и нејзината внука итно беа пренесени во Ургентниот центар. Во текот на ноќта жената починала, додека девојчето се уште се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Од ОЈО Скопје информираат дека веднаш по несреќата јавниот обвинител издал наредба за проверка на присуство на алкохол и наркотици во крвта и урината на возачот. Возилото е подигнато од местото на несреќата и предадено на вештачење, а се преземаат и сите неопходни дејствија за утврдување на фактите.

По наредба на јавен обвинител, врз телото на починатата жена ќе се врши обдукција.